X
 23.08.2021 Наша тема

Дејан Ангелоски, државен првак во скајранинг: „Секогаш трчам своја трка“

Македонија има прекрасни планини и услови за развивање на овој спорт, од година на година станува сè поконкурентен на националните првенства, а тоа значи дека стануваме поконкурентни во меѓународни првенства, истакнува Дејан Ангелоски, кој подолго време е непобедлив во планинско трчање

Дејан Ангелоски го трча екстремниот „Титов Врв скајрејс“ во должина од 20 километри и висинска денивелација од 1.900 метри за 2:19 часа. „Козјак вертикал километар“ за 42 минути во должина од 3,7 километри во интензивна сурова денивелација од 1.050 метри. За 4:59 часа го поминува „Водно-Матка треил маратон“ од 42 километри со над 3.000 метри денивелација. „Охрид ултра треил“ од 66 километри и 3.350 метри денивелација го минува за осум часа.

Подолго време е несовладлив на македонските трки и првенства. А имаше одличен пласман и на Светското првенство во скајранинг што се одржа во јули во Шпанија.

Бележи домашни и меѓународни успеси

- Најпрво почнав со вежбање и бидејќи местото каде што вежбав беше оддалечено 4 километри од дома, решив 4 километри да трчам дотаму и 4 километри назад, па сфатив дека хормоните за среќа поефикасно ги активирам преку трчањето отколку преку кој било спорт, а за планинското трчање - од мал сум во планина и секогаш сум трчал по шумите каде што живеам, но не знаев дека има такви трки - вели Дејан за своите почетоци.

Досега бележи многубројни успеси на државни првенства во атлетика (атлетски кросови, трки во 5.000 м. 10.000 м.), но најмногу успеси има во планинското трчање.



- Државен првак во планинско трчање станав како јуниор, понатаму јуниорски државен првак во скајранинг, па двапати државен првак во скајранинг во сениори, исто така имам доста меѓународни успеси на балкански, европски и светски првенства - ни споделува Дејан.

Тој неодамна го имаше и своето прво учество на Светско првенство во скајранинг.

- Можам да кажам дека е одлично искуство без разлика на пласманот, иако се стремиме секогаш за подобар пласман. Да се натпреваруваш со најдобрите од светот е голема желба, но за да им парираш, потребни се доста искуство, знаење и работа. Секако, остварив одлични резултати, но за да се искачиш на пиедестал, потребно е време - потенцира Ангелоски.



Македонија е преполна со планини за скајранинг

Овој спорт сѐ уште е во развивање кај нас, дополнува тој.

- Македонија има прекрасни планини и услови за развивање на овој спорт, од година на година станува сè поконкурентен на националните првенства, што значи дека стануваме поконкурентни во меѓународни првенства. И секако дека има многу поспремни тркачи од само четворица за Светско, но тие се условите засега. Со финансиски средства успеавме да одиме годинава само четворица најдобри во машка и женска конкуренција - потенцира тој.



Македонија е преполна со терени за скајранинг, односно планини над 2.000 метри.

- Сметам дека има одлични услови за развој на овој спорт, но малку е екстремен и си бара соодветни тренинзи, нешто повеќе отколку обично планинарење на Шара или Галичица, и малку повеќе од трчање на Водно - додава Ангелоски.



Галичица - омилен терен


Омилен терен за трчање му е Галичица, планината на која израснал. А за најтежок терен го издвојува Корапскиот Масив.

- За трка се подготвувам цело време, а пред трка сакам да сум наспан, добро најаден (а може и повеќе од нормален внес на храна) и соодветно психички спремен, односно подготвен психички за тоа што ме чека - вели Дејан.

Најдолга помината патека му е „Охрид треил“ од 66 километри со 3.300 метри искачување. За добра трка, потребна е конкуренција, но тој има поинаков пристап кон трките.



- Целите ми се да остварам сопствен резултат, па не ни гледам кој е пријавен или кој ќе учествува, т.е. во 90% од трките не ме интересира кој е пријавен, си трчам своја трка. Секако дека конкуренцијата игра улога во остварувањето подобри резултати, но реално колку си спремен - толку, никогаш не се форсирам на трки, давам максимум, но во рамките на можностите - категоричен е Ангелоски.

Од надворешни фактори, вели дека најмногу го мотивираат фамилијата, пријателите и тренерот. Од внатрешни, ме мотивира самото тоа дека правам нешто што сакам, што ме исполнува и ме прави среќен, вели тој.

- Како следна цел од тековните трки би ја издвоил „Охрид ултра треил“ од 66 км. А за подолгорочни цели ми се светските и европските првенства во планинско трчање и скајранинг. Како и едни од поважните и поекстремни скајрејсови во светов - завршува Дејан.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема