X
 03.10.2018 Живот

Интервју со Ненад Ристовски: „Маркетингот е неопходен и најзначаен дел од приказната на секој успешен производ“


Ненад Ристовски е еден од пионерите на дигиталниот маркетинг и еден од основачите на асоцијацијата ИАБ Македонија, која ги обединува водечките маркетинг-агенции, интернет-издавачи и компании во државава. Во моментов тој ја извршува функцијата главен извршен директор во дигиталниот оддел во агенцијата „Публицис Македонија“.


Ненад Ристовски

Во моментов сте е главен извршен директор во дигиталниот оддел во „Публицис Македонија“, а со дигитален маркетинг се занимавате веќе 12 години? Како се одлучивте токму за оваа професија?

- Генерално, љубовта кон дигиталните технологии кај мене се јави уште од најмала возраст. Благодарение на мојот постар брат, уште како деца пробувавме да ги истражиме сите можности на нашиот „комодоре 64“, па си програмиравме и игравме сопствени игри. Додека бев во основно училиште учествував на општинските и државните натпревари по информатика бидејќи тогашните т.н. „сметачки машини“ ми беа многу интересни.
Во текот на моите студии заклучив дека маркетингот е неопходен и најзначаен дел од приказната на секој успешен производ, па така природно дојде да се одлучам да се занимавам со дигитален маркетинг, кој овозможува спој на двете работи кон кои имам страст: дигитални технологии и маркетинг.

Според Вас, кој маркетинг-тренд ја обележа 2018 година?

- Во глобални рамки, според мене, тоа што ја обележува 2018 година се податоците (Data) и сѐ што е поврзано со нив. Почнувајќи од заштитата на личните податоци, имплементација на GDPR-регулативата, скандалот со „Кембрич аналитика“, па сѐ до начинот на употреба на податоците во маркетинг-цели. Пред сѐ, мислам на напредокот во употребата на вештачка интелегенција, machine learning, Big data и користењето на податоците за персонализирана комуникација на дигиталните медиуми, со цел поголема релевантност на пораките кон консументите.

Како еден од основачите на ИАБ, може ли да ни кажете како дојде до идејата за формирање на ова здружение во Македонија?

- Иницијативата за основање на ова здружение ја поведе тогашниот прв претседател на здружението, Савица Кусакатски. Се собравме неколку ентузијасти, тогашни пионери во дигиталниот маркетинг, и решивме да направиме здружение кое ќе придонесе за унапредување на дигиталниот маркетинг во Македонија. Во тие моменти дигиталниот пазар беше на самите почетоци од својот развој и имаше многу предизвици пред нас.
Бидејќи ИАБ е најрелевантното здружение во оваа област во светот, логично беше да се лиценцираме и ние под капата на ИАБ.

Која е предноста што ИАБ ја нуди за една маркетинг-компанија?

- Една од основните задачи на ИАБ е да овозможи едукација и стандардизација на рекламните формати на пазарот. Во тој контекст ИАБ помага да се регулира дигиталниот простор во земјава, да се воспостават правила на игра и да се зголеми степенот на информираност кај огласувачите од придобивките на овој маркетинг-канал.
Здружението ни помага на сите инволвирани страни во процесот (огласувачи, маркетинг-агенции и медиуми) да разговараме за сите предизвици со кои се соочува нашиот пазар и да наоѓаме решенија и иницијативи за заедничка придобивка. Целта е јасна – унапредување на дигиталниот маркетинг-пазар во земјава.

Каков совет би им дале на оние што сакаат да станат дигитални маркетери?

- Дигитален маркетинг е професија која мора, пред сѐ, да ја сакате за да бидете успешни. Не е работа која „само“ може да ја работите, тоа е нешто што мора да биде дел од вашиот секојдневен живот. Работите во оваа сфера се менуваат со брзина на светлината и мора да бидете постојано во тек, да се информирате, едуцирате и да ги следите трендовите. Денес тоа што се подразбира под дигитален маркетинг е значително поинаку отколку пред 5-10 години. Затоа оваа работа едноставно мора да се сака, за неопходното континуирано доедуцирање да претставува задоволство и предизвик, а не обврска и товар.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот