Бројот на велосипедисти варира меѓу европските земји, но и бројот на луѓе што никогаш не возат велосипед е изненадувачки голем.
Колку често Европејците возат велосипед? Во кои земји луѓето најмногу возат велосипед, а во кои најмалку?
Неколку истражувања се занимаваа со оваа тема, а достапни се и индекси кои ги споредуваат земјите и градовите. Од нив можеме да добиеме различни сознанија за велосипедската култура во Европа.
Велосипедите и тротинетите како главен начин на транспорт
Во 2019 година 8 отсто од граѓаните на ЕУ изјавиле дека нивниот главен начин на транспорт бил велосипед или тротинет (вклучувајќи ги и електричните), според истражувањето на „Евробарометар“.
Во Холандија, 41 отсто изјавиле дека велосипедот или тротинетот е нивниот главен начин на транспорт. Оваа висока стапка ја става Холандија на врвот, а веднаш зад неа се Шведска со 21 отсто и Германија со 15 отсто.
Фото: Еuronews
Само седум земји имаа поголем удел на користење велосипеди и тротинети од просекот на ЕУ. Потоа се Унгарија (14 отсто), Финска (13 отсто) и Данска и Белгија со 12 отсто. Уделот на велосипеди или тротинети како главни начини на транспорт беше нула во Португалија и Кипар, 2 отсто во Велика Британија и 3 отсто во Франција.
Медитеранските земји генерално имаа помал удел, додека нордиските земји имаат повисоки стапки на возење велосипед.
Медитеранот наспроти нордиските земји
Друго истражување на „Евробарометар“ спроведено во 2013 година направило анкета за тоа колку често луѓето во Европа возат велосипед. Моделите во медитеранските и нордиските земји повторно беа слични со оваа метрика.
Најмногу се вози во Холандија, потоа Финска (57 отсто), Данска (56 отсто), Шведска (42 отсто), Унгарија, Германија и Полска со над 40 отсто. 4 од 10 луѓе во Австрија и Словачка изјавиле дека возат велосипед барем еднаш неделно, а 18 отсто од испитаниците во Франција рекле дека возат велосипед најмалку еднаш неделно.
Најниска стапка на велосипедисти имаат Малта (3 отсто), Кипар (10 отсто) и Грција (12 отсто).
Висок е бројот на луѓе што никогаш не возеле велосипед
Според анкетата, во некои земји повеќе од 70 отсто од испитаниците изјавиле дека никогаш не возеле велосипед.
На Малта, 93 отсто одговориле дека никогаш не возеле велосипед, а потоа следуваат другите медитерански земји вклучувајќи ги Кипар (82 отсто), Португалија и Грција со 75 отсто и Шпанија со 73 отсто.
Оваа стапка беше 69 отсто во Велика Британија и Бугарија. Не е изненадувачки тоа што беше најниска во Холандија (13 отсто), а потоа следуваа трите нордски земји со 20 отсто.
Во Холандија има најмногу редовни велосипедисти
Во Холандија приближни 4 од 10 испитаници (43 отсто) дневно користат велосипед. Во Данска и Финска 3 од 10 испитаници дневно користат велосипед, што е 30 и 28 отсто, а просекот на ЕУ е 12 отсто.
Само 5 отсто од учесниците од Франција изјавиле дека возат велосипед на дневно ниво.
Возењето велосипед е главниот начин на транспорт за половина од копенхагенците
Фото: Еuronews
Меѓу главните градови на ЕУ, уделот на велосипедскиот транспорт е убедливо најголем во данскиот главен град Копенхаген (49 отсто).
Оваа бројка посочува дека велосипедот е главниот начин на транспорт за половина од копенхагенците, според базата на податоци составена од Европската федерација на велосипедисти (ЕЦФ). Велосипедизмот е главен начин на транспорт и за 35 отсто од патниците во Амстердам, главниот град на Холандија.
Европа доминира меѓу градовите погодни за велосипеди во светот
Фото: Еuronews
Индексот „Копенхагенајз“ им дава поени на градовите за нивните напори за повторно воспоставување на велосипедот како форма на транспорт.
Над 600 града со над 600.000 жители од сите делови на светот беа оценети за индексот за 2019 година. Три четвртини од првите 20 града се во Европа.
На листата води Копенхаген со повеќе од 90 поени, а веднаш зад него се Амстердам (89,3) и Утрехт (88,4).
Франција има три града во топ-10. Тоа се Стразбур, Бордо и Париз. Во топ-20 се и три германски града: Бремен, Берлин и Хамбург.
Фото: Freepik