X
 14.11.2019 Наша тема

Нема нервозен велосипедист наутро на пат до работа – порачуваат од Exploring Macedonia Tour

Не се дозволени следните работи: правење паметен, карање и пцуење, провокации од верска, национална, полова или која било основа; На секоја тура последниот од екипата не смее да биде оставен сам; Кој сака да нѐ дружи со моторно возило, чести ручек за сите; На секоја тура – без претекнување во урбани средини, задолжителна употреба на кацига и светло; Во случај на дефект, меѓусебно си помагаме

Ова е најстарата вело-група во Македонија. Идејата почнала од двајца вљубеници во возењето велосипед, а по седум години Exploring Macedonia Tour има 3.000 члена. Првата тура што ја извозеле изнесувала 60 километри, кога Блаже Димовски и Борис Петрушевски извозеле до Катлановска Бања. Веднаш потоа направиле фејсбук-група и започнала вело-авантурата.



- Ние сме најстарата вело-група во Македонија и со најголем број остварени тури. На нашата табела има околу 700 бајкери/ки. Секако, договарање за тури и дружби со и без велосипед се секогаш во рамките на нашата група, во која членувањето е бесплатно. За секоја тура постои информација. Не е секој член за секоја тура, има полесни и потешки. Редот е да се почне со помала, па поголема и поголема - објаснува Димовски.

На секоја тура последниот од екипата не смее да биде оставен сам

Во групата не се дозволени следните работи: правење паметен, карање и пцуење, провокации од верска, национална, полова или која било основа; На секоја тура последниот од екипата не смее да биде оставен сам; Кој сака да нѐ дружи со моторно возило, чести ручек за сите; На секоја тура – без претекнување во урбани средини, задолжителна употреба на кацига и светло; Во случај на дефект меѓусебно си помагаме.


Се вози на суво време и на температури не пониски од 6 Целзиусови степени

- Правилникот на Exploring Macedonia Tour, т.н. pin post во групата, е секогаш прв пост, каде што пишува дека турите се исклучиво со велосипед, без моторни возила; на малолетници без придружба нема да им биде дозволено учество на тура; кодекс на однесување помеѓу бајкерите, како и однесување во сообраќајот во урбани средини; носење опрема и резервни гуми итн. Во групата е строго забрането политичко пропагирање, провокации од кој било тип и, воопшто, недругарско однесување. Да не заборавиме зошто сме дојдени на тура. Турите се дружење и рекреација, за некого доживување, за некого мало бегство, за некого спортување... сѐ друго е... друго - вели Димовски.

Досега имаат направено 275 тури во Македонија и неколку надвор од земјава (Прохор Пчињски, Бујановац, Врање...) и секоја тура е прекрасно доживување, исполнето со пот и смеа, така што не би можел да издвојам некоја посебно, да не се препознае некој или навреди, вели Димовски. Возат секогаш кога е суво и температурите да не се под 6 степени, а во согласност со временските услови, избираат дали турата ќе биде кратка или долга, лесна или понапорна, објаснува тој.

Од тридневната тура до Охрид, преку Маврово, Дебар и Струга

- Но, секако би ја издвоил турата до Охрид, која е преку Маврово, Дебар и Струга. Таа тура е тридневна и изобилува со анегдоти, доживувања и што сѐ не...
Еден од најактивните велосипедисти во групата е Томислав Башевски, кој е и меѓу најстарите (69 години).
- А најмладиот (ако не ги броиме оние дечиња што доаѓаат на малите тури во седиштата на велосипедот на тато и мама) би рекол дека има 12 години. Многумина од денешните тркачи во неколку категории почнале да другаруваат со велосипедот токму во Exploring Macedonia Tour и биле или сѐ уште се членови на нашата група - вели Димовски.



За разлика од пред десетина години, денес може да се каже дека велосипедизмот кај нас e во подем. Тоа ни беше и примарна цел мене и на Борис Петрушевски, кој е администратор на групата. Расте модата, со самото тоа расте побарувачката, па и цените на велосипедите и опремата. Расте модата, но некако и прераснува во култура на секојдневното живеење. Сѐ повеќе има рекреативци, спортисти и комјутери (луѓе што го користат велосипедот како превозно средство) кои го користат велосипедот само за до работа можеби, но и тоа е подобро од дремењето во скопскиот метеж кој трае преку целиот работен ден. А спортски клубови има во неколку градови во Македонија каде што членуваат сериозно подготвени момци и девојки, кои можат да се пофалат со успеси постигнати кај нас и во странство.


Секој мора да ги почитува правилата на игра на групата

- Сакаме да мислиме дека придонесуваме за подигнувањето на свеста дека возењето велосипед е побрзо од автомобил (за во Скопје), здраво и корисно како за велосипедистот така и за животната средина. Токму поради таа причина, на секои три тури правиме по една мала тура, до Матка, Марков манастир, Катланово, Водно... каде што секој е добредојден, почетник или професионалец, само треба да се почитува правилникот на Exploring Macedonia Tour.
- А за оние што не го менуваат автомобилот за на работа, да им предочам дека нема нервозен велосипедист во понеделник наутро.


Кај Автокоманда, на излез од Скопје
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема