Јапонските власти се загрижени откако еден од островите кај северната поморска граница на оваа земја исчезна. Малиот ненаселен остров наречен Есанбеханакитакоџима бил пријавен за исчезнат од страна на граѓани.
Сателитските снимки од оваа година покажуваат плитко карпесто место на поранешната позиција на островот. Мапи стари 30 години покажуваат дека островот бил околу 1,5 метар над морското ниво и луѓето од областа јасно се сеќаваат на островот. Постарите риболовци за јапонските медиуми изјавуваат дека јасно се сеќаваат дека на местото имало мал остров. Островот треба да биде видлив од плажите во близина на селото Саруфуцу, во близина на северниот дел од островот Хокаидо.
Властите се загрижени поради загубата на островот бидејќи тоа може да значи дека територијалните води на Јапонија ќе се намалат. Островот беше дел од збир обележја кои служеа како дел од копнената основа за јапонското полагање право на територијални води.
Островот го добил името во 2014 година во напор да се формализира полагањето право. Сега кога островот е исчезнат, јапонската поморска граница може да е поблиску до Хокаидо.
Островот едноставно можеби еродирал со текот на времето, со помош на ледот и бурите во текот на зимата. Според известувањата, исчезнувањето на островот првпат било пријавено на први септември од страна на Хироши Шимизу, автор на книга со фотографии од скриени острови. Тој патувал во областа за да го види островот како дел од истражување, но не можел да го лоцира, па отишол во асоцијација на рибари во селото Саруфуцу. Еден член на асоцијацијата, кој ја познавал областа, користел различни мапи во обидот да го најде островот, но не можеле да го лоцираат ниту од копно ниту од бродовите за риболов.
Крајбрежната стража планира да го истражи исчезнувањето на островот за да се осигури дека областа е безбедна за бродовите да можат да пловат таму.
Исчезнувањето на мали острови поради комбинација од ерозија и зголемување на нивото на морето веќе не е нешто невообичаено. Соломонските Острови во Тихиот Океан неодамна загубија пет ненаселени мали острови. Со оглед на климатските промени, но и ако се остварат предвидените покачувања на нивото на морето, повеќе острови може да се соочат со
исчезнување.