Пингелап е малечок корален остров кој се наоѓа на Пацификот. Меѓутоа, ништо не е така како што изгледа. Фотографиите на фотографот Сан де Вајлд го отсликуваат тропскиот рај каде што вегетацијата во џунглата е бледо розова, морето е сиво, а локалните жители се гледаат во црно и бело.
Наречен „Островот на далтонистите“, Пингелап е дом на необичен висок процент на луѓе што не можат да ги разликуваат боите. Додека ахроматопсијата се јавува кај околу 1 од 30,000 луѓе на глобално ниво, се верува дека инциденцата кај малата популација на овој остров е помеѓу 4 и 10%.
Состојбата се поврзува со поранешен крал кој успеал да преживее катастрофално цунами во доцниот 18 век. Поголемиот дел од неговите сожители починале, па така се верува дека кралот помогнал во повторното населување на Пингелап, имајќи многу деца.
Голем дел од неговите потомци го наследиле реткиот ген кој предизвикува ахроматопсија. Така, оваа медицинска состојба продолжила да се пренесува преку генерациите.
Фото: Sanne De Wilde
Бојата е „само збор“
Фасцинирана од тоа како генетиката ги обликува луѓето и заедниците, Де Вајлд ги објави своите извонредни слики во својата најнова книга „Островот на далтонистите“. Фотографиите биле направени во Пингелап и еден поголем остров наречен Похнпеи, на речиси 300 километри оддалеченост.
Де Вајлд се обидела да ги гледа низ очите на жителите, манипулирајќи со тоновите и нијансите на нејзините слики.
„Во монохроматскиот свет, бојата е ’само збор‘ за оние што не можат да ја видат“, вели таа.
Жителите на островот тврдат дека „најмногу“ ја гледаат црвената боја, па така Де Вајлд ја нагласувала и манипулирала со неа, фотографирајќи во инфрацрвена опција.
Други рекле дека зелената е нивната омилена боја, иако таа е една од нијансите за кои имаат помала способност да ги препознаат. Фотографот верува дека ова е начинот на кој овие луѓе ја искажуваат љубовта кон вегетацијата на џунглата околу нив.
Фото: Sanne De Wilde
Различен поглед кон светот
Родена во Антверпен, Вајлд освоила голем број награди за прикажување на луѓето што различно го гледаат светот - или кои самите се сметаат за поинакви, вклучувајќи ја и нејзината фотографска серија за џуџестите луѓе во Кина. Во друга серија фотографии со наслов „Самоа Кекеја“, таа го документирала албинизмот во Самоа. Таа гледа поврзаност помеѓу овој проект и нејзиното истражување за далтонизмот во Пингелап.
„Албинизмот е генска состојба. Може да се каже дека поради природните граници што ги создава морето, гените циркулираат во малите островски заедници“, вели таа.
„Не беше лесно да се стигне до Пингелап. Тоа е мал корален брег во средината на Тихиот Океан. Мала точка во големата сина боја.
Фото: Sanne De Wilde
„Луѓето со ахроматопсија се екстремно чувствителни на светлина, што е вистински товар на ваков сончев, тропски
остров. На дневна светлина тие едвај можат да ги задржат очите отворени кога се надвор. Воопшто не ги гледаат боите. Токму затоа сè им се појавува во нијанси на сива боја - сè е помеѓу црно-бело. Јас не променив никакви бои. Инфрацрвената камера ги промени“, вели таа.