X
 03.11.2018 Економија

Најзатворениот пазар на труд се либерализира за странци

Јапонската влада поднесе до парламентот пакет закони со кои се олабавуваат ограничувањата за влез на странци на тамошниот пазар на трудот кој се смета за еден од најзатворените на светот. Додека работата на странските студенти и приправници во Јапонија воглавно се толерира, вработувањето на работниците од странство во јапонските компании е прилично тешко.

-Програмата за странските работници која сакаме да ја воведеме е за индустриите во кои има вистинска потреба од работници - истакна премиерот Шинзо Абе пред парламентарниците, уверувајќи ги дека увозот на работниците не ги менува основите на државните имиграциски политики, за што некои партии веќе ја обвинија владата.

Абе не сакаше да одговори на прашањата како доселениците ќе се вклопат во јапонското општество.

-Мислам дека на странците не би требало да им се наметнуваат нашите вредности, туку да се создаде опкружување за соживот за сите - истакна премиерот чиј кабинет моментално нема проценка колку работници од странство би требало да бидат примени во јапонските компании.

Како главни сектори за влез на странци на јапонскиот пазар на труд, министерот за правосудство Такаши Јамашита ги наведе земјоделието, услужната дејност и градежништвото.

-Станува збор за 14 стопански гранки - додаде тој, најавувајќи владино дефинирање на бројката за увоз на работници за секоја индустрија.

Дел од јапонските медиуми веќе шпекулираат дека за земјоделието, услужните дејности и градежништвото се потребни најмалку 500.000 работници.

Во Јапонија сега има милион и 280 илјади странски работници, што значи дека нивниот број во краток рок, ако се точни проценките на медиумите, би се зголемил за 40 отсто. Но, и кога би се остварило тоа, уделот на странците во јапонската работна сила од 65 милиони лица пак не би надминал три отсто.

Додека критиките за планот на Абе пристигаат од неговата Либерално-демократска партија, опозициската Демократска партија за луѓе го поддржува премиерот и нуди дополнителни решенија со кои на странските работници би им се олеснил влезот и престојот во земјата. Меѓу другото, од оваа партија сметаат дека на странците кои ќе најдат работа во Јапонија, како и на членовите на нивните фамилии, веднаш би требало да им се даде тригодишна дозвола за престој со флексибилно продолжување потоа.

Фото: Pixabay

Од друга страна, предлогот на владата предвидува скратување на правата на странците по прифаќањето на работата веднаш да ја доведат фамилијата. Кабинетот на Абе би ја кренал рампата за доаѓањето на фамилијата само во случај на висококвалификувани работници кои знаат јапонски. Останатите би можеле да ја доведат фамилијата дури по пет години.

Дел од противниците најавија дека во ќе го блокираат пакетот закони во парламентот бидејќи е во спротивност со имиграциската политика на земјата. Заговорниците за олабавување на строгите правила, пак, предупредуваат дека странските студенти и приправници, во недостиг од вистинска правна заштита, се присилуваат на работа и од 14 часа дневно, вклучувајќи ги и викендите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија