X
 06.02.2023 Живот

Германија воведува „западнобалканско“ правило за работниците од овој регион

Германската Влада планира либерализација на легислативата за работна миграција, а дел од тој пакет е таканареченото „западнобалканско“ правило.

Овде се предвидуваат две важни промени: од една страна, ограничувањето на важноста на оваа мерка до крајот на 2023 година треба да се укине - во иднина таа да стане трајно правило.

Од друга страна, квотата за работни имигранти од Западен Балкан се очекува двојно да се зголеми, од сегашните 25.000 годишно на 50.000 во иднина.

„Западнобалканското правило“ беше воведено по големиот бегалски бран во 2015 и 2016 година. Целта на правилото беше да се решат два проблеми со еден удар: да се спречи неконтролираното доаѓање на барателите на азил и истовремено да се ублажи недостигот на работна сила.

Во тие години во Германија пристигнаа повеќе од милион бегалци, најмногу од Сирија, но и голем број луѓе од Западен Балкан - од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.

Додека на сириските воени бегалци генерално брзо им беше одобрен азил, економските мигранти од Западен Балкан имаа мали шанси за успех: само околу 5 отсто од нив го добија тој статус.

Со воведувањето на ова правило се овозможува регулирана и олеснета миграција на неквалификувана или средноквалификувана работна сила од тие земји. Оние со високи квалификации можат да дојдат во Германија во рамките на други програми.

Претставниците на работодавците ги поздравуваат овие планирани промени. На крајот на краиштата, тие вршат постојан притисок врз Владата со цел да ги либерализираат условите за имиграција на работната сила што им недостига.

- Луѓето што доаѓаат во голема мера зависат од работодавецот за кој работат. Тие имаат дозвола за престој која е поврзана со нивната работа. Ова предизвикува луѓето да се плашат дека ќе бидат вратени назад доколку не се послушни - вели Евелин Родер, член на одборот на директори на Конфедерацијата на германските синдикати.

- Освен тоа, тие често не зборуваат германски и не се информирани за нивните права. Во практика, сето тоа придонесува овие работници да се согласат на услови за работа кои се полоши од пропишаните со закон - додава таа.

Според податоците на Институтот за истражување на трудот, до крајот на 2020 година Федералната агенција за труд начелно им издала 260.000 одобренија и 98.000 работни визи на работници од земјите од Западен Балкан.

Три четвртини од работниците од тие земји работат на градилишта, во гастрономијата и во грижата за стари и болни луѓе, а 44 отсто во градежништвото.

Во најголем дел тоа се помошни работни места со релативно ниски плати.

Иако Владата ја објаснува реформата во однос на странските работници со потребата да се спротивстави на недостигот на квалификувана работна сила во земјата, правилото вели дека не е потребна квалификација за да се добие работна дозвола.

Според оцената на Конфедерацијата на германските синдикати, воопшто не се работи за привлекување „експерти“, туку за доведување работници за едноставни работни места.

- Ова е програма за носење работници по барање на работодавците. Тие можат да ги земат кога им требаат, но и лесно можат да се ослободат од нив - вели Родер. Ова е особено изразено во градежната индустрија.

Здруженијата на германските градежници минатата година го откажаа продолжувањето на тарифниот договор кој важеше со децении.

Сега на работниците може да им се плаќа законски загарантирана минимална стапка од 12 евра на час, што е помалку од претходните саатници, кои на градилиштата во просек се движеа меѓу 13 и речиси 16 евра.

На тој начин работодавците можат да вршат притисок врз секој што бара повисока плата зашто секогаш имаат на располагање поевтини работници. Во исто време, тие не мора да се плашат од поплаки: работниците од Западен Балкан се особено ранлива група, тие не се свесни за своите права, а за многумина дури и тие полоши работни услови се прифатливи поради ситуацијата во нивната татковина. Покрај тоа, практично нема ефективни државни контроли.

Германската конфедерација на синдикати решението го гледа во дополнителни измени на правилото, за кои Владата треба да расправа на седницата на 1 март.

Една од најважните промени се однесува на олеснувањето на можноста за промена на работодавецот без да мора повторно да аплицирате за работна дозвола - како што е случајот со другите странски работници.

Според сегашната регулатива, барањето за работна виза мора да се направи во земјата на потекло на работникот и на крајот визата се доделува за одредено работно место. Ако сакате да го промените тоа работно место, може, но треба повторно да аплицирате во Федералната агенција за труд.

За огромното мнозинство работници, тоа е комплицирано или тие дури и не знаат за тоа - а резултатот е исто така неизвесен. Дополнително, синдикатите бараат вработување врз основа на „западнобалканското“ правило да се овозможи само таму каде што има колективни договори. На овој начин би биле заштитени самите работници, а и синдикалната тарифна автономија.

Евелин Родер има јасна порака за оние во земјите од Западен Балкан што бараат работа во Германија.

- Информирајте се за вашите права, а доколку е потребно, побарајте помош, не мора да прифаќате сѐ што ви се нуди, работниците овде имаат загарантирани права - заклучува таа.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот