X
 05.10.2020 Живот

Колку се валкани банкнотите и дали преку нив може да се шират вируси?

За време на пандемијата сите станавме посвесни за хигиената на предметите и местата што ги допираме. Банкнотите се нешто што речиси сите секојдневно го допираме. Затоа, во последните месеци се советуваше помала употреба на банкноти и почесто користење на картички за наплата во продавници и во ресторани.

Во март Јужна Кореја ги отстрани сите банкноти од циркулација во период од две недели за дезинфекција. Дел од банкнотите биле изгорени за да се забави ширењето на коронавирусот. Кина презела слични чекори во февруари.

Меѓутоа, експертите сега велат дека пренесувањето на коронавирусот преку површините не е толку често како што се стравуваше првично. Но тоа не значи дека банкнотите се целосно чисти. Колку се валкани банкнотите?

Во 2014 година истражувачи од Универзитетот во Њујорк препознале околу 3.000 вида бактерии на банкнотите од доларите. Биле откриени бактерии што може да предизвикаат труење на храната, инфекции, чиреви и пневмонија. Во едно истражување од 2002 спроведено во САД било откриено дека 94% од банкнотите во циркулација се заразени со бактерии.


Фото: Wikipedia

Сепак, експертите велат дека имунолошкиот систем на луѓето реагира на ваквите бактерии за да се спречат зарази. Освен тоа, за заразување се потребни одреден број организми, односно за телото да се зарази со одредена болест, лицето треба да внесе поголемо количество бактерии. Научниците сè уште го проучуваат коронавирусот за да видат колку вирусни честички се потребни за заразување.

Кога станува збор за монетите, на нив има помалку микроорганизми во однос на банкнотите. Како што велат експертите, монетите имаат одредени компоненти како никел, бакар, сребро и цинк кои може да дејствуваат против микроорганизмите. Кај банкнотите тоа може да зависи од староста на хартијата. Новите банкноти имаат супстанции што дејствуваат против микроорганизмите, но тие се истрошуваат со текот на времето, па така постарите банкноти веројатно имаат повеќе микроорганизми на нив.

Истражувањата покажуваат и дека банкнотите со помала вредност имаат повеќе микроорганизми бидејќи почесто се користат.

Истражување во САД од 2001 открило дека на дури 90% од банкнотите има траги од кокаин, на 70% има хероин, а на 30% има траги од метамфетамин. Во разни истражувања се откривале и траги од квасец, мувла, животинска ДНК и честички од храна на банкноти.

Експертите заклучуваат дека шансите за заразување со коронавирусот преку банкнотите не се високи, но добро е превентивно да се мијат рацете кога се користат пари.

Автор: Керолин Болоња
Извор: huffpost.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот