X
 03.11.2021 Наука

НАСА откри органски молекули на Марс

Роверот „Кјуриосити“ на американската вселенска агенција НАСА се наоѓа на Марс од 2012 година. Ново истражување покажува дека примерок што роверот го собрал од планетата има органски молекули кои првпат се откриваат на оваа планета.

Мисијата на „Кјуриосити“ е да најде знаци на поранешен живот на Марс. За таа цел, роверот бара хемикалии кои може да бидат знаци за моментален или претходен живот на планетата. Во 2017 година „Кјуриосити“ собрал примероци од дина на Марс за кои новиот труд покажува дека имаат органски молекули кои претходно не биле пронајдени на Марс.


Фото: „Кјуриосити“/NASA

Најзначајните органски молекули што ги има во примероците се бензоева киселина и амонијак. Според анализата на научниците, овие молекули би можеле да бидат резултат на геолошки процеси или живот во минатото бидејќи примероците биле земени од место за кое се претпоставува дека порано било полно со вода, пренесува „Инверс“.

Научниците сега го чекаат лансирањето на мисијата на Европската вселенска агенција на Марс во 2022 г., која ќе земе повеќе примероци од Марс. Истовремено, роверот „Персевиренс“ собира примероци од површината на планетата, кои подоцна ќе бидат донесени на Земјата и анализирани.

Извор: Inverse
Фото: „Кјуриосити“/NASA
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука