X
 05.10.2019 Живот

ФИТР „Петок за млади“ - „Забрзан курс“ за аплицирање на меѓународен хакатон на НАСА

Предизвици поврзани со вселенски истражувања, како да се аплицира на меѓународен НАСА хакатон и како да се направи интерактивна видео игрица - со овие теми започна новиот серијал настани „Петок за млади @ФИТР“ кој втора година по ред предвидува активности за поттикнување на креативните вештини и иновативноста кај младите.

Над 70 средношколци имаа можност да ги слушнат деталите за предизвиците поврзани со вселенски истражувања и подобрување на животот на Земјата, начинот на аплицирање како и дел од искуствата на претходни учесници во пресрет на меѓународниот хакатон на НАСА – „NASA Space Apps Challenge“ што
ќе се одржи од 18 до 20 октомври во Скопје, во организација на Њуменс бизнис акцелератор.



Учесниците на NASA Space Apps Challenge 2019 ќе имаат можност да бидат менторирани и оценувани од страна на претставници на вселенските агенции и експерти од корпорации во конкретната област. Трите победнички тима на NASA Space Apps Challenge пак се пласираат за директно учество во натпреварот за
стартап компании кој ќе се одржи во рамките на Space Tech Convention 2019, каде што добиваат можност да ги убедат меѓународни инвеститори да ги поддржат нивните идеи. Уште повеќе, тимот кој ќе се пласира на прво место на локацијата во Скопје добива награда - патување во Kennedy Space Center во Флорида и ќе има можност да присуствува на лансирање на ракета.



Патот од идејата за развивање 3D интерактивна игра во која играчот е соочен со географски проблеми, гејмификацијата како начин да се решат предизвиците од хакатонот и менаџирањето на успешен стартап им го претстави Кристијан Трајковски, еден од менаџерите на компанијата Dark-1 - една од стартап компаниите кои добија финансиска поддршка од ФИТР. Трајковски кој исто така учествувал на предизвиците на НАСА споделувајќи го своето искустви посочи  дека е најважно игрите да имаат едукативен карактер и ги поттикна младите кои љубопитно го следеа секој негов збор да преземат  конкретни иницијативи.

-Доколку имате супер идеjа и верувате во неа, пробајте. Со помош на постарите направете бизнис план и обидете се. Има институции, како ФИТР кои ќе ви помогнат таа да стане успешна реалност - вели Трајковски.

Средношколците, поделени во групи имаа можност и практично да испробаат со какви задачи би се соочиле на НАСА хакатонот. Како што велат, за голем дел од нив ова би било тежок предизвик кој вреди да се проба.



Инаку, иницијативата „Петок за млади @ФИТР“ е дел од активностите на Фондот насочени кон поттикнување на критичкото и креативното размислување, и развој на иновативноста и  претприемништвото кај младите. ФИТР неодамна ја презентираше и предлог програмата „Фонд за млади умови“ која треба да ги опфати сите постоечки иницијативи и да креира системско решение со кое
државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.

Во изминатите 18 месеци ФИТР вложи околу 15 милиони денари во три различни програми наменети за поддршка на младите, во кои учествуваат над 500 основци и средношколци, додека 54 основни и средни училишта реализират проекти за истражување.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот