Вселенското летало „Џуно“ се приближува сè поблиску до Ија, месечината на Јупитер, која претставува место преполно со вулкани и лава. На почетокот од март „Џуно“ помина 51.569 километри од Ија, а на 16 мај се врати, поминувајќи само 35.502 километри од Ија и правејќи прекрасни фотографии.
Во текот на наредната година „Џуно“ ќе се доближи на 1.500 километри од Ија, што е прилично блиску.
- Стигнуваме сè поблиску и поблиску - вели Скот Болтон, главен истражувач на мисијата „Џуно“.
За планетарните научници, фотографиите се непроценливи.
- Ија е највулканското небесно тело за кое знаеме во нашиот Сончев Систем. Набљудувајќи го со текот на времето на повеќе премини, можеме да гледаме како варираат вулканите, колку често еруптираат, колку се светли и топли, дали се поврзани со група и дали се менува обликот на протокот на лава - велат научниците.
Ија е прекриена со вулкани затоа што се наоѓа помеѓу огромниот Јупитер и други големи месечини на Јупитер, Ганимед и Европа. Тоа моќно повлекување и туркање создава силна топлина во свет што е малку поголем од нашата Месечина. Целата оваа топлина се обидува да стигне до површината, што резултира со стопена лава и екстремни вулкански појави.