Мајк ван Ерп, 51-годишен велосипедист, е во конкуренција за титулата најомразен човек во Велика Британија. Неговото хоби е кодошење на другите возачи што прават сообраќајни прекршоци.
На неговиот јутјуб-канал „Сајклингмајки“, кој го следат повеќе од 100.000 луѓе, Мајк објавува видеа од возачи кои возат брзо, зборуваат или пишуваат на мобилните телефони и неправилно паркираат, а подоцна видеата ги испраќа во полиција.
Иако многу следбеници на неговиот канал го сметаат за херој, други се загрозени од неговото хоби.
- И јас сум возач, сакам автомобили, но не сакам опасно возење и возачи кои ризикуваат и на тој начин ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот - вели Мајк, објаснувајќи зошто го избрал ова необично хоби.
Тој вели дека веќе пријавил 1.000 возачи во полиција, меѓу кои и филмскиот режисер Гај Ричи.
- Го изгубив татко ми во сообраќајна несреќа во Зимбабве, па така одлучив да им помогнам на другите да не доживеат такво нешто. Сфатив дека користењето мобилен телефон е полошо од возењето пијан и затоа снимам луѓе кои постојано ги користат мобилните телефони додека возат - вели тој.
Што се однесува до реакциите на возачите кои ги фатил како прават прекршок, Мајк вели дека има секакви.
- По правило се смееме. На возачите кои ги фаќам како зборуваат на мобилен телефон им велам: „Мора да го оставиш! Те фатив!“, а потоа им посакувам среќа и секој си продолжува по својот пат. Потоа видеото ѝ го испраќам на полицијата - вели Мајк.
Фото: Screenshot/YouTube