X
 27.04.2017 Живот

Дали времето на државните функционери е поважно од човечкиот живот?

Под притисок на јавноста во БиХ, дел од пратениците побараа измени во законската регулатива со која возилата под придружба, во кои најчесто се возат политичари и функционери, имаат предност во сообраќајот дури и пред возилата на брза помош.


Фото: Youtube

Дали политичар или друг функционер кој брза некаде е поважен од човечкиот живот? Ова прашање деновиве отворено го поставуваат многу јавни личности во Босна и Херцеговина, откако во јавноста стана актуелна инфирмацијата дека во оваа земја со години постои сообраќајно правило според кое возилата под придружба, во кои најчесто се возат функционерите, имаат предност пред сите други возила, па дури и пред тие на Брза помош и на противпожарните служби.

Во пракса тоа значи дека доколку возило под придружба на улица се сретне со возило на Брза помош кое има вклучени ротациони светла и во кое некој пациент се бори за живот, не мора да застане и да го пропушти. Токму поради бројните критики на кои наиде ова правило, дел од пратениците во босанскиот парламент побараа измени во законот за безбедност во сообраќајот, со кои оваа одредба ќе се избрише од законската регулатива. Истото сообраќајно правило важи и во Македонија и е пропишано во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Во него е наведено дека возилата на брза помош, на противпожарните служби и на полицијата имаат предност пред сите други учесници во сообраќајот, освен пред возилата под придружба. Односно, возилата под придружба не треба да пропуштат никого и имаат апсолутна предност во сообраќајот, без разлика за каква ситуација станува збор. Досега во земјава никој не покренал иницијатива за бришење на овој член од законот.

- Јас навистина не знам што се замислуваат тие луѓе, дека се повредни од човечкиот живот? Тоа е неморално, неетички и тоа здравиот разум не може да го сфати. Тоа е само доказ дека функционерите ги носат законите само поради себе и се ставаат пред борбата за човечки живот - изјави Вехид Шехиќ, претседател на граѓанскиот форум на Тузла за босанските медиуми, коментирајќи го, како што вели, небулозното сообрачајно правило кое се провлекува со години.

Јавноста во БиХ најмногу ја иритира фактот што законодавецот не нашол никаква нелогичност, а уште помалку видел безобразие во таквата законска одредба.

Според законските одредби, во Македонија придружба добиваат возилата во кои се превезуваат домашни или странски државници (претседатели на држави, влади, парламенти, владетели-суверени и други носители на официјални државни функции), кои се во работни, официјални и протоколарни посети на земјава и на странски делегации од понизок ранг од интерес и во работни посети во организација на нашата држава. Придружба им се дава и на највисоките претставници на меѓународните организации, кои се во официјални и работни посети на Македонија, како и при транспорт на банкарски вредности, експлозивни и опасни материи,археолошки предмети и уметнички дела со високо проценета музејска вредност.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот