Македонија е на 11. место одназад на меѓународнотo тестирање ПИСА за постигнувањата на ученици на 15-годишна возраст по јазична писменост, математика и природни науки. Тоа е за неколку места погоре за разлика од тестирањето во 2015 година, кога бевме на 4. место одназад. Но, македонските ученици повторно се далеку под просекот според постигнувањата во сите категории. Прва на листата е Кина.
Резултатите од испитувањата беа спроведени во училиштата лани. Од регионот полоши резултати од нас постигнале само учениците од Косово, а пред нас се Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Црна Гора, Србија, Грција и Хрватска. Словенија е рангирана во првата, најдобра група (ниво 3), односно на 21. место во светот. Македoнија е на 68. место Според постигнатите поени (393), Македонија е рангирана на нивото 1а. За математика имаме резултат од 394, а просекот на ОЕСД е 489. За наука македонските ученици имаат постигнувања од 413, а просекот на ОЕЦД е 489. Со читањето имаат просек од 393, а просечната оцена за ОЕЦД е 487.
Македoнија третпат учествува на ПИСА. Првиот пат беше во 2000 година, кога исто така постигнувањата на учениците беа меѓу најслабите.
Меѓународното тестирање ПИСА е една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење на учениците во образовниот систем во матичната земја. Оценувањето се спроведува во повеќе од 60 држави од целиот свет и го реализира Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на секои пет години. Знаењето и способностите на учениците се мерат во три подрачја, и тоа: способност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки.
Инаку, секоја од земјите-учеснички има цел да води грижа прашањата со кои се тестираат учениците да бидат приспособени на наставните програми што се користат во земјата. Резултатите од тестирањето најголем дел од земјите ги користат за анализа на образовните политики и нивно приспособување со цел подобрување на постигнувањата на учениците и нивна конкурентност со учениците на глобално ниво.
Целата анализа и резултатите од ПИСА 2018 преземете ги
ТУКА: