X
 02.07.2020 Наша тема

Мед и млеко во македонското образование! Ама само во изборните програми на политичките партии

Со речиси исти предизборни ветувања за придобивање на гласачкото тело кое го засега образованието одат партиите и на овие парламентарни избори. Ако исполнат барем половина од она што стои во нивните програми, навистина не мора да се грижиме за нашата иднина – децата!

Што ветуваат двете најголеми партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери, како и дел од албанските партии за образованието? Квалитетно образование, вложување во инфраструктура, покачување на платите за наставниците, повеќе пари за науката, подобри учебници и наставни програми, европско образование... се само дел од ветувањата што може да се најдат во нивните програми.

Скок на ПИСА, студентски центар во Штип, ветува СДСМ



Програмата за парламентарните избори 2020 на СДСМ се вика „Можеме“. СДСМ ветува дека ќе ги поврзе сите основни училишта со ултрабрз интернет, ќе обезбеди интерактивни училници, дигитализација и трансформација на наставната програма. Целта е просечните постигнувања на учениците од нашата држава на ПИСА 2021 да се зголемат за минимум 10 поени во однос на средните постигнувања од 2018 година, стои во програмата. Во нивната програма потсетуваат и на сѐ што направиле за образованието во изминатите три години.
Тие најавуваат дека ќе организираат тестирања слични на ПИСА во секое полугодие и во секое училиште. Овие тестови ќе бидат анонимни и нема да влијаат врз оценките за учениците, ниту врз наставниците, но ќе им помогнат на училиштето и на педагошката служба да изработат конкретни мерки за подобрување на образованието во секое училиште.
Ветуваат дека ќе продолжат да инвестираат во мотивирани наставници.


Фото: Град Скопје



„Платите ќе продолжат да растат, а ќе обезбедиме средства од државниот буџет за реализација на унапредувањето на наставниците. Платите ќе ја вреднуваат и надградбата на кадарот. Со новите правилници наставниците ќе имаат повисоки плати доколку имале обуки и стекнале нови компетенции“, пишува во програмата.
Учениците континуирано ќе изучуваат Информатика од 3. до 9. одделение како задолжителен предмет, кој ќе се изучува во центри за работа со компјутери во училиштата.
Оваа партија сака да воведе медиумска писменост во училиштата, задолжителни часови по хигиена во основното образование.
Ветуваат дека ќе воведат практична настава во средните стручни училишта, која учениците задолжително ќе ја спроведуваат во реалниот сектор.
Во буџетот на МОН и ФИТР ќе обезбедат програма за поддршка на продукција на видеоклипови како училишни материјали со содржини и теми од предметите, за што ќе можат да конкурираат сите наставници од основно и од средно образование.


„Целосно ќе го промениме системот на издавање учебници, кој создаде монополи, високи цени и можности за корупција. Образовните институции ќе се фокусираат на наставните програми и содржините, а не на јавни набавки и печатење. Ќе обезбедиме финансиска поддршка на ученици и нивни ментори за учество на меѓународни олимпијади и натпревари, а со закон ќе обезбедиме и парични награди за првите три освоени места. Ова веќе го започнавме преку Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР, каде што направивме посебна програма за поддршка на учеството на младите на натпревари и научни саеми“, пишува во програмата.


Во високото образование, по примерот на студентскиот дом „Гоце Делчев“, до 2024 година, според програмата, ќе ги реконструираат сите студентски домови и „двојно ќе го подобрат квалитетот на исхраната“.
СДСМ ветува дека ќе им овозможи на редовните студенти да стапат во редовен работен однос, определен број часови - опција која им е на располагање на студентите во најголем број европски земји. Се обврзуваат да организираат бесплатни тренинг-курсеви и стекнување „меки вештини“ за програмирање, графички дизајн, учење јазици, за финансиска писменост, за тргување и вложување во акции, сметководство, претприемништво итн., преку ваучери за учениците и студентите.
Во рок од 12 месеци ќе започнат со грантови за истражувачка дејност со кои ќе се опфатат високообразовните институции и ќе се поттикне нивен ангажман за поддршка на забрзан раст, базиран на иновации.

Најавуваат проекти за градење на 15-ина училишта, како и изградба на Студентски центар – Штип.





Најавуваат дека ќе креираат централна национална платформа со двонасочна комуникација. Ќе ја дефинираат и озаконат наставата од далечина како можно алтернативно решение за учење со примена на средствата за електронска комуникација без физичко присуство на чинителите.
„Ќе формираме оддел за научни истражувања во рамките на Фондот за иновации и технолошки развој. Од буџетот на одделот ќе се финансираат национални 150 научноистражувачки проекти што ќе ги зајакнат капацитети на универзитетите и научните институти со ставање во функција на постојната научноистражувачка опрема. Одделот ќе се формира во 2020 година, со цел во 2024 година вкупното издвојување за наука да биде до 1,5%“ - стои во програмата.


„Еден клик“ – Национална дигитална платформа за далечинско учење, отворање на Институт за национална генетика, ветува ВМРО-ДПМНЕ



ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во својата програма „Проект Обнова“

ветуваат дека квалитетното, модерно и ефикасно образование ќе биде стратешки приоритет на државата. Главни адути во програмата им се ветувања за зголемување на средствата за образование од 3,7% на 5% од БДП, запирање на одливот на работоспособни кадри, поврзување на стандардот на квалификации и пазарот на трудот со образовните програми, инфраструктурна изградба на образовниот систем, 5% годишно покачување на платата на наставниот кадар, зголемување на средствата што се одделуваат за наука на минимум 1% од БДП. Тие за секој проект напишале и колку средства ќе одвојат.


Во првата мерка што се однесува на зајакнување на инфраструктурата во образовниот систем е предвидена изградба и реконструкција на основни и средни училишта и факултети, како и реновирање на сите студентски домови. Оваа партија ветува дека до 2022 година ќе имаме и централен електронски систем за интеграција на сите образовни институции и вмрежување со останатите образовни институции. Планиран е буџет од 35 милиони денари за „Еден клик“ – Национална дигитална платформа за далечинско е-учење. Во овој дел од програмата, преку реконструкција на средното училиште „8 Септември“ во Скопје, се предвидува создавање на простор за кариерен центар за наставници.


Во втората мерка се предвидени плановите за развој на основното и средното образование. Реформа на наставните планови и програми во основно и во средно образование, обезбедување на училиштата со дидактички, нагледни

средства и техничка опрема потребна за реализација на модерна настава, реформа во средното стручно образование, комерцијализација на работата на средните стручни училишта се само дел од нив. Програмата предвидува и професионална ориентација од рана возраст. Ветувања има за растоварување на административните обврски на наставниците, со скратување на обемот на внесен материјал во Е-дневник, како и кариерно напредување на наставниците и признавање на различни степени на едукација.






За поттикнување на младите иноватори во основните и во средните училишта, ќе се организира Саем на иновации, како и формирање на паралелки во одредени средни училишта за специјализирано средно образование од областа на ИКТ до 2022 година. Предвидена е и програма за зајакнување на воспитно-образовната дејност во основното и во средното образование преку воведување интерактивна програма за етика, морал, добро однесување, намалување на нетолерантноста, вербалната агресија, врсничкото насилство, здравата животна средина, како и за почитување на различностите и соодветно справување со проблеми и конфликти во животот, како и кампања за сексуално образование и репродуктивно здравје.

Се планира и отворање на интерактивен портал за тутори со бесплатни дополнителни часови за заинтересирани ученици, од страна на други успешни ученици и студенти, воведување на знаковен јазик и како наставен предмет во средните училишта од соодветни области.


Во третата мерка се објавени плановите за реформи во високото образование. Осовременување на наставничките факултети, ревидирање на пропустите во Законот за високо образование, унапредување на студентскиот стандард преку ослободување од партиципација на студентите од семејства со лични примања пониски од просекот во Македонија и на докажано талентираните и/или најдобрите студенти се само дел од проектите. Се планираат и низа проекти за подобрување на стандардот на универзитетскиот кадар, како зајакнување на капацитетите со наставен и технички кадар, адаптација и постојана евалуација на студиските програми според потребите на пазарот на труд, како и уписна политика на студентите во согласност со потребите на пазарот на труд.

Посебни мерки се планирани за науката. Планирани се проекти за финансирање на научноистражувачката работа, стипендии за апликативни трудови и научни и творечки субвенции. Ветуваат финансирање за секој објавен труд во списание со импакт-фактор, како и паричен надоместок во висина од 1.000 евра.
Се планира и Национален центар за поддршка на научни истражувања, како и поддршка за државните универзитети за издавање домашни научни списанија. Ветуваат и отворање на Институт за национална генетика.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ се планирани и сет мерки посветени на образованието на лицата со попреченост. Дел од нив се: зачленување на Македонија во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование, програма за поврзување на училиштата за лица со посебни потреби, пристапни студентски домови за лицата со попреченост, Е-читалница за лицата со оштетен вид, отворање реални компании во средните стручни специјални училишта на лица со попреченост, како и отворање Центар за подготовка на родителите и семејствата на лицата со попреченост за справување со тешкотиите и предизвиците во образованието на нивните деца и во општеството.


Задолжителен албански јазик за сите ученици до петто ветува ДУИ, диплома која ќе се прифаќа во ЕУ е приоритет за ДПА

Што најавуваат партиите од албанскиот блок кога е во прашање образованието? И тие одат на картата со предизборни ветувања за повисоки плати за наставниците, изградба на училишта итн.

ДУИ најави задолжителен албански јазик за сите ученици од петто одделение. Во кампањата ветуваат минимална плата за наставниците од 600 евра, задолжително претшколско образование од 3-годишна возраст и стручно училиште во секоја општина.






ДПА приоритет ќе даде на хармонизацијата на законодавството на Македонија со она на земјите во ЕУ во полето на образованието, според реалните можности. Со ова ќе нема само да се овозможи зближување на нашиот образовен систем со европските стандарди, туку и диплома која ќе се прифаќа во ЕУ. Партијата ветува поквалитетна настава за децата од претшколска возраст, инфраструктура во градинките и училиштата според европски стандарди, основно образование кое ќе се темели на потребите и интересите на учениците, квалитетен наставен кадар кој ќе доаѓа од факултетите каде се формира овој кадар.
ДПА најавува програми за професионален развој на наставниците, а образовните политики во средното образование да се водат според анализи на пазарот на труд. Современи модели на настава со поширока употребата на технологијата, современи учебници кои на време ќе стигнуваат до учениците, центри за развој на деца со посебни потреби на албански јазик.

Подготвил: Р.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема