X
 20.02.2024 Образование

Ја градиме иднината во сегашноста - УКЛО е прв и единствен македонски универзитет дел од европската универзитетска алијанса КОЛОРС

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) од почетокот на 2024 г. е член на Алијансата на европскиoт универзитет КОЛОРС. Тоа е повод да се запознаеме со КОЛОРС. За карактеристиките, менаџирањето и перспективите, дознаваме од акдемскиот координатор и претставник во конзорциумот на Алијансата, проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, која заедно со проектниот координатор, проректорот, проф. д-р Јове Димитрија Талевски, со поддршка од ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и менаџерскиот тим на КОЛОРС ќе бидат носители на овој историски потфат за УКЛО и за високото образование:

КОЛОРС: УКЛО беше партнер во продуцирање проектна апликација за нова European University Alliance во еден широк конзорциум од вкупно девет универзитети. По макотрпна и сериозна работа во близу две изминати години, влеговме и ние, во грант-линија од проширената Eразмус програма за трајни соработки, што не се проекти, туку соработка што останува - трае. Всушност, ова е првично разгласување на прекрасна информација дека сме првиот македонски, а и пошироко, универзитет што влегува во еден ваков новитет на Алијанса на Европски универзитет, во нашиот случај КОЛОРС. Алијансата КОЛОРС поставува широка рамка на она што е универзитетско постоење и работење што го обединува традиционалниот високообразовен пристап со многу напредни елементи. Сега се качуваме на тој воз што се движи на трансферзала на европско, светско и на глобално ниво и секако, со добар квалитет, ќе напредуваме сите заедно, инклузивно, што е всушност и значењето на акронимот КОЛОРС - универзитети, т.е. колаборативни меѓу себе, а и со екосистемот на соработници, одржливи, иновативни, во регионите во кои дејствуваме, а со европски квалитет. УКЛО има желба и амбиција, заедно со нашата држава да го повлече и Западен Балкан, бидејќи ние сме единствените Non-EU, земја-кандидат во Европска Унија, во однос на другите партнери.

Оваа Алијанса, покрај УКЛО, ја сочинуваат и универзитети од уште осум држави: Универзитетот Јан Длугош Чештостова, Полска, Универзитетот Јосип Јурај Штростмаер од Осиек, Хрватска, Универзитет Кристијанштад, Шведска, Универзитет Де Кастиле Ламанча, Шпанија, Универзитет Ферара, Италија, Падерборн Германија, кои се координатори, Универзитет Леман, Франција и Универзитетот за применети науки Вентспилс, Латвија. Во КОЛОРС има и дополнителни 55 асоциирани партнери, што значи дека покрај овие девет универзитети, вклучени се како претставници профили на соработници од областите бизнис, образовни институции, истражувачки институции, невладин, односно граѓански сектор, владини институции на национални и локални нивоа. Меѓу асоцираните партнери на УКЛО се и Општина Битола, Нова Солушнс од Битола, Вертекс Бродкаст Солушн од Прилеп, Хидробиолошиот завод од Охрид и Македонското научно друштво од Битола.

Може ли поблиску да ни кажете за целта на КОЛОРС?


КОЛОРС: Целта на КОЛОРС е да ги повлече и издигне универзитетите на едно ново ниво, на начин кој ние го нарекуваме коеволуција, преку ангажирање на целиот екосистем на многубројни соработници, во сите фази на работењето. Високото образование, академијата ги повлекува сите, ги нарекуваме четири множества (quadruple helices), идентично како што е базиран и конзорциумот: академските и образовните институции од една страна, бизнисите од друга, институциите на системот на национално и локално ниво од трета страна и граѓанскиот сектор од четврта. Така КОЛОРС, сите тие актери ги инкорпорира на едно ниво на европска соработка. Она што го немаме и не е доволно регулирано и на ниво на Европа (бидејќи е во зачеток) се таканаречени микроквалификации (microcredentials), односно курсеви и предмети што ќе се постават на една онлајн платформа, достапни и видливи за сите европски и светски граѓани, за да ги користат не само студенти од прв, втор и трет циклус студии, туку и во контекст на целоживотно учење, за стекнување професионални вештини, компетенции и сл. Тоа е нешто кон кое се движиме и веќе сме во тој правец - оформување на такви курсеви, кои се создадени од наш кадар, плус колеги од најразлични соработки од земјава и светот, а паралелно на тоа воведување методика и инструкциски дизајн специфичен за истите, начини како да се постигне тоа, да се трасира еден голем правец што го насочуваме заедно со Алијансата како на регулаторно, така и на оперативно ниво. Комплементарно на тоа, ќе имаме и двојни и заеднички дипломи меѓу членовите во Алијансата, а и пошироко. Копростори, кохабови, колаборатории, хакатони и соработки на сите трансферзали на научните дисциплини и практиката ќе ја направат Алијансата одржлива - значи, ја градиме иднината во сегашноста.

Кои други одредници и елементи покрај посочените, исто така му приличат на КОЛОРС?

КОЛОРС: Обично во проектите секој си дејствува во она што е негов дел и главно завршува со крајот на проектот. Меѓутоа, овие најнови Алијанси се на едно друго ниво. Секаде ќе се сретне зборот: коокреација, значи колаборација во сите фази, сите работи се коокреираат со претставници и учесници од сите универзитети. Телата на одлучување се исто така инклузивни и широки. И процесот е таков. Кокреација - за да може да се учествува и во дизајнот на нештата на свој начин. Ова е пристап одоздола-нагоре, меѓутоа, ние си кажуваме што е нашиот градбен елемент, нашето градбено ткиво. Морам тука да споменам нешто што е значајно за УКЛО како елемент, што е ново и оригинално не само за УКЛО, туку влезе во основата на апликацијата на проектот. Тоа е најновото издание на книга објавена од светскиот издавач Спрингер, Facilitation and Complexity, From Creation to Co-Creation, From Dreaming to Co-Dreaming, From Evolution to Co-Evolution од уредниците Рената Петревска Нечкоска, Ѓорѓи Манчески и Геерт Поелс. Поглавјата во таа книга се создадени буквално на овој нов начин што го градиме во КОЛОРС - отворена кокреација во науката, аплицираната наука и науката генерирана од различни контрибутори кои имаат експертиза, а не се неопходно само во академија. Најглавниот принцип не е двојната транзиција што Европската Унија ја пропагира, туку нејзино збогатување, т.е. триплата транзиција, во смисла, општествена, зелена и дигиталната компонента на сите нешта и на сите нивоа. Тука се и четирите иновативни „рецепти“ за проблемски-ориентирани учења, предавања и истражувања.

Каде е УКЛО во КОЛОРС, кои се задолженијата на Универзитетот, во кој пакет активности УКЛО ќе биде лидер?

КОЛОРС: Секаде сме вклучени, во сите пакети, бидејќи КОЛОРС е сложен организам, еден универзум, и мора да е така. На ниво на УКЛО ние имаме организациски тим, одлучивме да одиме со широк инклузивен пристап, со отворени повици, првично за секој што сака и може да се вклучи. Ова е проект-чадор. Се разбира дека главните и многубројни активности ќе бидат на грбот на стручниот кадар во Ректоратот, а самиот пристап на Алијансата е да се вклучат најразлични профили за да може и ефикасноста и продуктивноста да бидат поголеми. Така, имаме административен и академски кадар, студенти, и ќе вклучуваме и соработници. Нашиот тим сега брои 60-ина луѓе и ќе се зголемува. Зошто? Затоа што ги вклучуваме сите што се заинтересирани. На второ ниво (во соработка со организацискиот тим) има многубројни можности за активирање на сите вработени во УКЛО. Истото важи и за студентите. Ние, како УКЛО, придонесуваме во сите пакети, но сме кораководители во пакетот шест, а тоа е целокупната дисеминација и комуникација на ниво на Алијанса што веќе се оживотворува.Така ќе можеме целата наша извонредна експертиза и искуство во академско-медиумската комуникација да ја инкорпорираме во стандардите на Алијансата.



Каде се студентите во КОЛОРС?

КОЛОРС: Студентите се во центарот на КОЛОРС. Многу слично како и на УКЛО, студентите се во градбата и во одлучувачките и предлагачките тела, во сите процеси. Ако се обидеме да направиме една точна визуализација, во центарот се корисниците - студенти од прв, втор, трет циклус, алумните, и низ сите други активности и целиот наш регион, нашата држава. Студентите влегуваат во организацијата, во телата на Алијансата, претседателот на Универзитетското студентско собрание е кораководител во шестиот пакет. Значи, студентите се рамо до рамо со ректори, претседатели на универзитети, со нас како менаџерски тимови, така што сите студенти ќе имаат корист од сето ова - во улога на организатори, реализатори и корисници на ефектите и придобивките од овој мотор на напредокот.
Всушност, сакаме вин-вин ситуација во која сите добиваат. Воедно, со КОЛОРС УКЛО станува уште повидлив. Не само во нашата земја, не само во регионот на Западен Балкан, туку сега стануваме повидливи и на европско ниво со слобода на креативност, слобода на придонес по сублимирана траекторија на која сакаме да чекориме заедно и со квалитет.

Инаку, активностите на КОЛОРС се веќе започнати…

КОЛОРС: Лидер во сето ова, за овој регион, ќе бидеме ние, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Тоа значи дека претстои многу работа за тимовите на УКЛО. Започнуваме со објави и со разгранување на најразлични информации, повици, вмрежувања, предизвици, конекции, кои ќе ги генерира УКЛО КОЛОРС. Имајќи предвид дека студентите, како главни корисници на придобивките што произлегуваат од членството на УКЛО во КОЛОРС, се и активни чинители во дизајнот, организацијата и спроведувањето на активностите во рамките на Алијансата, УСС УКЛО го објави Повикот до студентите од прв, втор и трет циклус студии за сите што се заинтересирани за ангажман во различните предизвици што ги нуди Алијансата на европскиот универзитет КОЛОРС, да може да аплицираат за учество.
Амбицијата ни е да направиме жариште, вруток, да бидеме генератор на информации за оваа прекрасна Алијанса. Воедно ги покануваме сите соработници, универзитети, сите други наши колеги. Нема да биде ништо затворено, не е ништо само за УКЛО. Сите работи ќе ги споделуваме, за да може да го влечеме прогресот за сите и сите заедно, со градење компетенции, можности и позитивни чувства. Во суштина, не постои еволуција, туку коеволуција.

Никој не може да напредува сам, изолиран од своето опкружување и светот, напротив. Се надеваме дека и информациите што ги (и ќе ги) разменуваме на различни начини и нивоа ќе бидат споделувани во интерес на сите, од изворот - веб-страницата на УКЛО, системот за е-учење и порталите на УКЛО.

УКЛО и КОЛОРС продолжувајќи ја квалитетната соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Министерството за образование и наука, универзитетите во нашата држава, Интеруниверзитетската конференција и сите чинители во македонското високо образование, ќе се обидат да трасираат позитивни промени во дејствувањето, регулативата и системските механизми на државата.

Само на тој начин, кога суштествува жива двонасочна и мултифункционална конекција со напредните европски текови, ќе обележиме пат вреден за следење.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование