Најпопуларните филмови што ја воодушевија публиката не се секогаш оние што најмногу влијаеле врз филмската индустрија, туку оние што го насликале духот на времето или го промениле начинот на кој го гледаме светот.
„Њујорк тајмс“ објави листа со највлијателните филмови на деценијата што го променија светот на забавната индустрија, ја политизираа сегашноста, а нивното влијание се демонстрира преку дискусиите што ги предизвикаа во јавноста.
1. „Американски снајперист“, 2014 година
Драмата на Клинт Иствуд за снајперистот Крис Кајл својата премиера ја имаше на Божиќ во 2014 година. Филмот ја подели американската публика. Додека едни сметаа дека промовира оружје, други тврдеа дека филмот најдобро ја отсликува политичката ситуација поврзана за оружјето.
2. „Одмаздници“, 2012 година
Иако ни серијалите ни темата за суперхерои не се ништо ново во филмската индустрија, овој филм ги собра сите суперхерои и ја воодушеви публиката и така постави основа за доминација на „Марвел“.
3. „Црна риба“, 2013 година
Многу документраци се трудат да ја подигнат свеста за еколошките проблеми, но овој успеа во тоа прикажувајќи ја злоупотребата на китовите во „Сиворлд“. Овој филм ја промени перцепцијата на јавноста, работењето на компанијата и законот.
4. „Старосватици“, 2011 година
Овој филм не е само уште една комедија што се занимава со венчавки, туку ги промени сексистичките клишеа дека жените не можат да бидат смешни, а од актерката Мелиса Мекарти направи ѕвезда.
5. „Снежно кралство“, 2013 година
Елса не само што ја покажа својата моќ туку и моќта на женската публика што овој цртан го направи еден од најпопуларните во историјата, и така традицијата на „Дизни“ ја приспособи за новата генерација.
6. „Бегај“, 2017 година
Филмот ги измеша жанровите хорор и пострасистичката реалност во САД. Бидејќи излезе откако Доналд Трамп беше прогласен за претседател на САД, филмот послужи како слика за времето во кое тешко е да се разликува што е хорор, а што сатира.
7. „Игрите на гладните: Раѓање на огнот“, 2013 година
Вториот дел од франшизата го утврди статусот на Џенифер Лоренс како ѕвезда и стана првиот филм со женски протагонист кој се најде на врвот на најпопуларните филмови. Кетнис Евердин стана новиот архетип на жена во филмската индустрија. Прикажана е како бунтовничка и војник отколку како принцеза.
8. „Месечина“, 2016 година
Овој нискобуџетен филм со влијание од европската и азиската уметничка сцена влезе во историјата на „Оскарите“ како првиот најдобар филм кој имал режисер од африканско-американско потекло по систематскиот расизам што траел со децении.
9. „Окја“, 2017 година
Филм на „Нетфликс“ за девојче и нејзината генски модифицирана свиња ја потресе индустријата бришејќи ги границите помеѓу големите и малите екрани. Беше прикажан во 2017 година на Канскиот филмски фестивал и беше првиот филм на „Нетфликс“ прикажан на големото платно.
10. „Војна на ѕвездите: Будење на силата“, 2015 година
Започнувајќи нова трилогија, филмот ја зеде енергијата на оригиналните
филмови и повеќе простор им даде на жените и на ликовите што не се белци.