Понекогаш деновите се премногу тешки. Премногу обврски, премногу стрес или можеби само тоа необјасниво чувство на преоптоварување. Во таквите моменти сите бараме нешто што може да нѐ смири. За многумина од нас тоа се филмовите што ни носат чувство на топлина, носталгија и сигурност. Без разлика дали се работи за филм што сме го гледале безброј пати или ново откритие, овие филмови се едноставни, утешителни и секогаш тука кога ни се потребни.
Ова се филмовите кои се совршени за оние моменти кога ни треба малку одмор и мир.
Свадбата на мојот најдобар пријател
Каков класик! „Свадбата на мојот најдобар пријател“ е еден од оние филмови што нема кој не ги гледал. Џулија Робертс ја игра Џулијан, жена чиј долгогодишен пријател Мајкл (Дермот Мулрони) објавува дека се жени. Таа тогаш сфаќа дека е вљубена во него и сака да го освои, само неколку дена пред неговата венчавка.
Били Елиот
Што не е во ред со балетот? Многу момчиња танцуваат балет. Ова е реченицата со која младиот Били Елиот сака да го убеди својот конзервативен татко да го пушти да тренира балет. Легендарниот филм од 2000 година го следи талентираниот Били, кој е од работничко семејство и е растргнат помеѓу неговата неочекувана љубов кон танцувањето и неговото семејство што се распаѓа. Младиот Џејми Бел беше одличен во главната улога, а последната сцена секогаш не расплакува.
Хотелот „Гранд Будимпешта“
Многу од филмовите на Вес Андерсон даваат чувство на удобност, а ова е еден од неговите најуспешни - Хотелот „Гранд Будимпешта“. Оваа необична комедија ја раскажува приказната за авантурите на М.Густав, портир во познатиот европски хотел, во периодот меѓу двете светски војни, како и Зироу Мустафа, момчето кое работи во лобито на хотелот и негов пријател.
Пред изгрејсонце
Првиот дел од познатата романтична трилогија мора да го засакате. Приказната се одвива во текот на еден ден и следи еден млад човек, Џеси, и една девојка, Селин, кои се среќаваат во воз во Европа. Тие се зближуваат и решаваат да поминат една вечер заедно талкајќи низ Виена. За жал, и двајцата знаат дека тоа ќе биде нивната единствена заедничка ноќ. Или не? Шармот на овој филм најмногу го сочинува одличната хемија помеѓу Итан Хок и Џули Делпи.
Училиште за рок
Ако зборуваме за носталгија, нема подобар филм кој го буди тоа чувство од „Училиште за рок“. Класик на комедијата, филмот го следи Џек Блек во една од неговите омилени улоги. Откако е исфрлен од неговиот бенд, Деви Фин (Блек) доаѓа да работи како замена во училиште и презема час во приватно основно училиште. Тој решава таа талентирана класа да ја претвори во рок-бенд.
Вили Вонка и фабриката за чоколади
Постојат неколку верзии на Вили Вонка, но ниту една не е толку добра како оригиналот. Магичниот свет на познатата фабрика за чоколади има способност веднаш да нѐ расположи и да нѐ однесе во вистинска авантура. Култниот филм базиран на делото на Роалд Дал го следи Чарли, сиромашно момче кое наоѓа еден од петте златни билети што го испраќаат на обиколка на мистериозната фабрика за чоколади на Вили Вонка.
Амели
Естетскиот свет на францускиот филм „Амели“ секогаш ни дава утеха. Филмот ја следи младата Амели која живее во сопствениот фантастичен свет. Таа работи како келнерка, каде што често им помага на луѓето да најдат среќа. Нејзината потрага да шири радост ја води на патување каде што ја наоѓа вистинската љубов.
Извор: journal.hr
Фото: Freepik