Нов моќен телескоп, лоциран во оддалечен дел на Австралија, снимил големи области на вселената за рекордно време и открил милиони нови галаксии.
Според австралиската научна агенција, станува збор за нов телескоп што чини 138 милиони долари, наречен АСКАП (Australian Square Kilometre Array Pathfinder), кој успеал да сними околу три милиони галаксии за само 300 часа. На другите телескопи им биле потребни 10 години за да ја завршат оваа работа.
Овие резултати го отвораат патот за нови откритија во истражувањето на вселената. Тоа навистина е одличен резултат, вели астрономот Дејвид Меконел, кој го водел истражувањето на јужното небо во Западна Австралија.
Она што го прави овој телескоп уникатен е тоа што покрива широко видно поле благодарение на неговата специјална технологија што му овозможува да прави панорамски фотографии од небото подетално од кога било.
Така, биле комбинирани само 903 фотографии за да се направи слика од целото јужно небо. „Само“ бидејќи за истата работа се потребни десетици илјади фотографии.
Фото: CSIRO
Телескопот е почувствителен од неговите претходници, така што може да се видат повеќе небесни објекти, истакнува Меконел.
Со овој телескоп научниците можат да го снимат целото небо за само неколку недели или месеци, и можат почесто да се враќаат на истото место и полесно да ги детектираат и следат промените.
- Веќе најдовме некои необични објекти, вклучувајќи необични ѕвезди што минуваат низ насилни „испади“ истакнува Меконел, додавајќи дека податоците собрани во истражувањето ќе им овозможат на астрономите подобро да ги разберат ѕвездените формации и како се развиваат галаксиите и црните дупки.
Фото: CSIRO