Син на починат пожарникар-волонтер, кој даде свој придонес во гасењето на пожарите во Австралија, доби медал за храброст. На едно и полгодишниот Харви Китон, облечен во униформа, со цуцла во устата, медалот му беше врачен на погребот на неговиот татко во Сиднеј.
Десетици пожарникари отпоздравуваа кон ковчегот на починатиот Џеф Китон, кој имаше 32 години. На пожарникарскиот камион во кој бил тој со колегата Ендрју О'Двајер паднало дрво и двајца ги загубиле животите.
Покрај фамилијата, колегите и началниците на пожарникарските единици, на погребот присуствуваше и австралискиот премиер Скот Морисон, кој беше жестоко критикуван поради непримерното реагирање на пожарите.
Џеф Китон е еден од тројцата пожарникари што ги загубија животите во пожарите во
Австралија.
Во пожарите починаа и повеќе од 480 милиони животни. Причина за пожарите, кои беснеат од септември минатата година на повеќе од 5 милиони хектари, се екстремно високите температури, долготрајната суша и силните ветришта. Многумина со пожарите ги поврзуваат и климатските промени, кои ги објаснуваат огромните температурни скокови.
Пожарите достигнаа толкави размери, што страшните сцени може да се видат и од вселената.