X
 28.07.2020 Технологија

Вселенскиот телескоп „Хабл“ направи прекрасна фотографија од Сатурн

Фотографијата подолу го прикажува Сатурн, а е направена од вселенскиот телескоп „Хабл“ на почетокот на јули 2020 година. Таа е толку јасна што речиси изгледа како да била направена од уметник, но НАСА уверува дека станува збор за вистинска слика од прстенестата планета. На фотографијата детално може да се види структурата на концентричниот прстен околу планетата.

НАСА потсетува дека прстенестата структура околу Сатурн е составена од парчиња мраз што се движат од големина колку парчиња прашина, до гигантски камења. Фотографијата беше направена од вселенскиот телескоп „Хабл“ на 4 јули 2020 година, кога Сатурн бил повеќе од 1 милијарда километри од Земјата. Фотографијата го прикажува и летното време на северната хемисфера на планетата.

Освен тоа, на сликата се прикажани и неколку мали атмосферски минливи бури кои доаѓаат и си одат секоја година кога „Хабл“ ја набљудува планетата.

Сатурн има атмосфера составена претежно од водород и хелиум со траги од амонијак, метан, водена пареа и јаглеводороди кои му даваат жолто-кафеава боја. Може да се забележи и црнвеата магла над северната хемисфера на планетата.

Астрономите велат дека причината за црвената магла потенцијално може да биде поради тоа што зголемената сончева светлина за време на летото ја менува количината на произведената фотохемиска магла. Интересно е тоа што јужната хемисфера на планетата што ѕирка малку под прстените, има забележлива сина нијанса што укажува на промени во текот на зимската сезона. Двете од месечините на Сатурн се видливи на сликата - Мимас од десно и Енцелад на дното.

хабл
Фото: NASA

Извор: NASA / Slashgear.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија