Додека сте растеле, сигурно сте слушнале различни јазици во вашата околина. Можеби многу, можеби неколку, а можеби само еден. Но ако некогаш сте биле во светската престолнина на јазиците, тогаш сигурно сте биле опкружени со стотици јазици.
Според организацијата „Алијанса на загрозени јазици“ („Endangered Language Alliance“), една област во САД е дом на повеќе јазици од кое било друго место на планетата. Низ државата Њујорк се употребуваат повеќе од 800 јазици, но округот Квинс е шампион на Земјата: само во оваа област се зборуваат 138 единствени јазици.
Интересно е тоа што Квинс е со големина од 280 квадратни километри, така што многу култури и многу јазици се спакувани во непосредна близина.
Зошто толку различни јазици? За тоа е „виновен“ Њујорк, кој служи како прва станица за многу луѓе што се обидуваат тука да го пронајдат својот нов дом во Америка.
Кои јазици можете да ги слушнете во Квинс? Ова е кратка листа што нуди само еден дел: англиски, филипински, индонезиски, грчки, руски, јапонски, литвански, српски, хрватски, непалски, кинески, норвешки, германски, шпански и многу, многу други.
Тоа не значи дека луѓето што живеат таму совршено знаат повеќе јазици. Според податоците од пописот на населението за 2015 година, 44 отсто од населението што живее во Квинс, на возраст од 5 години или постари, зборуваат само англиски, додека 56 отсто зборуваат и друг јазик освен англискиот.
Ако сакате да ја подобрите вашата јазична библиотека, истражувањата покажуваат дека методата на учење, позната како распоредено повторување, може да ви помогне побрзо да совладате повеќе јазици. Којзнае, можеби по некое време ќе можете да се наречете полиглот или хиперполиглот. Можеби ви е потребна посета во
Квинс за да добиете инспирација.