X
 04.01.2019 Технологија

Трикови со кои можете да го вратите вашиот смартфон од мртвите

Најверојатно најлошата ноќна мора на секој сопственик на смартфон е ситуацијата кога не може да го вклучи.

Зошто некогаш не можеме да ги вклучиме телефоните и што можеме да направиме?

Еве неколку предлози.

Ако паметниот телефон или таблетот досега работел добро, прво е потребно да се направи наједноставното нешто - да се провери дали батеријата е полна. Ако се испразнила, а имало доволно време да се наполни, можно е проблемот да е во адаптерот, кабелот или штекерот, како и во самата батерија или софтверот.

Треба да го исчистите УСБ-портот доколку во него има прашина или други нечистотии. Исто така, се препорачува проверка на кабелот и адаптерот на друг уред. Ако батеријата е незаменлива, притиснете и држете го копчето за вклучување 10 до 30 секунди, во зависност од тоа за кој уред станува збор.

Со адаптерот, кабелот и УСБ-портот е сè во ред, а ресетирањето сè уште не функционира? Можно е проблемот да е во батеријата. Сите батерии по неколкугодишна употреба почнуваат брзо да губат на квалитет, сè додека целосно не престанат да работат. Тоа може да се случи и порано ако батеријата е изложена на екстремни температури и падови или други оштетувања.

Прво, уверете се дека батеријата прима струја. Кога ќе го вклучите паметниот телефон или таблет на полнач, почекајте една минута за да видите дали на екранот ќе се појави иконата на батеријата. Ако се случи тоа, сè е во ред, можете да преминете на следните чекори.

Може да се појави црвенo светло - тоа е знак дека батеријата нема доволно сила да вклучи или да прикаже каква било содржина на екранот. Оставете да се наполни барем половина час, па обидете се одново.

На екранот нема приказ на батеријата или некаква светлина? Можно е батеријата да престанала да работи и да треба да се замени. Ако имате паметен телефон со незаменлива батерија, подобро е тоа да му го препуштите на овластениот сервисер.

Фото: Pixabay

Проблемот не мора да е во батеријата или полнењето, може да е до екранот. Ова можете да го проверите така што околу 30 секунди ќе држите на копчето за вклучување/исклучување, а потоа ќе почекате најмалку две минути за да се отвори оперативниот систем.

Потоа заѕвонете си од друг телефон. Ако вашиот телефон ѕвони, имате проблем со екранот. Веројатно добра идеја е замената да му ја препуштите на овластен сервисер.

Го вклучивте уредот, но не можете да го покренете оперативниот систем за да го добиете почетниот екран? Обидете се да го ресетирате уредот.

Но, имајте на ум дека ќе ги избришете сите податоци. Се надеваме дека благовремено сте направиле резервни копии од важните податоци.

Еве како да го ресетирате својот „Андроид“ со помош на режимот за закрепнување.
  • Притиснете и држете ги неколку секунди копчињата за вклучување/исклучување и намалување на тонот додека на екранот не се појави логото на „Андроид“ (комбинацијата зависи од производителот);
  • Користете ги копчињата за намалување и зголемување на тонот за да одите до Recovery Mode;
  • Притиснете го копчето за вклучување/исклучување;
  • Одете на Wipe Data/Factory Reset и пак притиснете го копчето за вклучување/исклучување;
  • Селектирајте ја опцијата Yes-Erase all Data и пак притиснете го копчето за вклучување/исклучување.
Процесот на ресетирање ќе трае неколку минути.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија