Слепите и лицата со оштетен вид во Штип првпат ги добија сметките за вода со Брајово писмо. Оваа вест беше една од попозитивните во 2023 година. Иницијатор за остварување на ова право е претседателот на Здружението на слепи лица за општините Штип, Пробиштип, Радовиш, Карбинци и Конче, Драги Витанов.
Во Штип од 85 члена на ова здружение, само пет лица ги добиваат сметките за вода на Брајово писмо. На Витанов, иако на почетокот работеше на својата стара машина, не му беше тешко да ги изготвува овие сметки за своите членови.
Тој очекува и се надева дека заедно со директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков, ќе го активираат единствениот современ печатач на Брајово писмо во Штип, кој треба да овозможи брза изработка на сметките за слепите лица. Малиот број на опфатени лица со овој позитивен проект не е поради техничките можности, туку, како што вели Витанов, поради тоа што само осум слепи лица или 10 проценти го знаат Брајовото писмо.
Тоа е и процент на ниво на Македонија. Членовите што го знаат Брајовото писмо се задоволни што конечно самите можат да си ги прочитаат сметките и да видат колку имаат да платат за потрошената вода за пиење и собирање смет, како и самите да отидат до пунктовите на ЈП „Исар“ и да си ги платат. Но, загрижува фактот што само 10 проценти од членовите го знаат Брајовото писмо.
- Кога јас бев ученик во училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје, во специјализираното училиште за слепи лица, беа околу 200 ученици или поточно 178 ученика, сега таму дали има 10 проценти од оваа бројка, што значи голем број од слепите лица не се решаваат таму да одат на училиште - вели Витанов.
Тој посочува дека и децата во ова училиште не го учат Брајовото писмо, туку се насочени кон новите современи информатички алатки, а голем дел од учениците кои имаат проблеми со видот се опфатени и во инклузивното образование, односно децата кои имаат проблеми со видот се вклучуваат во редовната настава во училиштата.
- Помладите членови од нашето здружение не ја користат таа технологија. Во Штип тројца-четворица членови се активни и работат и се служат конкретно со информатиката и со компјутерите - посочува Витанов.
Извор: МИА