Возрасните луѓе што се родени со слепило имаат богато сознание за изгледот на животните иако никогаш немале можност да ги видат, покажуваат новите истражувања.
Искуството од прва рака не е единствен начин за целосно да се разбере како изгледа и функционира светот што нè опкружува.
- Искуството со кое располага личноста која со свои очи го запознала светот не е единствен начин за да се разбере светот. Посуштинско прашање е како го знаеме она што го знаеме - објаснува Џуди Ким, доцент на Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Човечката интуиција во повеќето случаи е таква што не можеме да го знаеме она што не можеме да го видиме, но ова е побиено од постарите истражувања што покажуваат дека слепите луѓе ги познаваат боите и светлината. Резултатите од овие истражувања покажуваат дека слепите луѓе едноставно подобро ги помнат вербалните информации, како што е, на пример, изјавата дека „фламингото е розово“.
Фото: Shutterstock
Новото истражување се занимавало со испитување на 20 слепи лица и 20 лица чиј вид бил во ред. Од испитаниците се барало животните што ќе ги изберат да ги редат по големина (од најмало до најголемо) и по висина. Исто така, тие имале задача да ги категоризираат животните според нивната форма, текстура и боја, а од формираните групи да ги издвојат оние што се разликуваат по форма и да се избере кој тип на кожа го има животното, односно дали нилскиот коњ има пердуви, крзно, кожа или крлушки?
Резултатите покажале дека и двете групи (и слепите и оние што гледаат) на сличен начин ги класифицираат животните и се согласуваат околу тоа што е исто, а што различно во групирањето на животните. На пример, испитаниците изјавиле дека делфинот е сличен на ајкулата, а мрзливците се слични на гризли-мечките по крзното. 15 од 20 слепи луѓе и 19 од 20 луѓе што гледаат изјавиле дека слоновите се поголеми од носорозите.
На луѓето што гледаат им било лесно да ги класифицираат животните во групи според боите (бела, розова, црна, црно-бела, кафеава и сива), додека на слепите луѓе ова им претставувало најголем проблем. Ситуацијата била обратна со формите - сите слепи испитаници на сличен начин и брзо ги класифицирале животните според формата, додека на испитаниците што се потпирале на видот им било тешко да објаснат и да најдат зборови за оваа класификација. Тие воопшто не се согласувале.
Стратегијата што ја користеле слепите испитаници за одредување на биолошките карактеристики е слична на онаа што ја користат и научниците и таа е најдобра кога станува збор за одредување на текстурата на кожата и формата, но лоша кога станува збор за боите. Многу бели животни се различни - лебедот, поларната мечка и овцата. Резултатот е дека слепите луѓе градат побогати и поточни идеи за изгледот засновани на заклучоци.
Сосема е точно дека нашите сетила ни даваат директни искуства и најточни информации за светот околу нас. Сепак, истражувањата покажуваат дека знаењата што ги стекнуваме врз основа на вербално пренесени податоци може да бидат попрецизни и повистинити од она што го гледаме, објаснува професорката по психологија и невронаука Марина Бедни.
И слепите
испитаници и оние што гледаат живеат во урбанизирани средини, така што дивите животни им се недоволно познати и на едните и на другите. Целото знаење што го имаме за нив е дел од културата, истата таа култура на која ѝ припаѓаат и слепите луѓе и луѓето што гледаат.