Повеќето луѓе на Земјата се живеалишта за грини (микроскопски инсекти, паразити) кои поголемиот дел од својот краток живот го поминуваат закопани, со своите глави, во фоликулите од нашите влакна, првенствено на нашите лица.
Всушност, луѓето се единственото живеалиште за „Demodex folliculorum“. Тие се раѓаат од нас, се хранат со нас, се парат во нас и умираат од нас. Целиот нивен животен циклус се врти околу јадење на мртвите клетки на кожата на нашите лица. Овие микроскопски инсекти се толку зависни од луѓето, покажува едно истражување, што тие се во процес на еволуција од ектопаразит во внатрешен симбионт - и тоа таков што дели заемно корисен однос со своите домаќини (тоа сме ние, луѓето).
Со други зборови, овие грини постепено се спојуваат со нашите тела, така што сега живеат трајно во нас.
Научниците ги секвенционирале геномите на овие сеприсутни мали инсекти.
- Откривме дека овие грини имаат различен распоред на гени на делови од телото во споредба со другите слични видови поради тоа што се приспособуваат на заштитениот живот во порите - објаснува биологот Алехандра Пероти од Универзитетот во Ридинг, Велика Британија.
„D. folliculorum“ е всушност мало фасцинантно суштество. Детритусот на човечката кожа е негов единствен извор на храна и поголемиот дел од својот двонеделен животен век го поминува во потрага по него. Тие се појавуваат само ноќе, за макотрпно полека да ползат по кожата за да најдат партнер пред да се вратат во безбедната темнина на фоликулот.
Нивните минијатурни тела се со должина од само една третина од милиметар, со група ситни нозе и уста на едниот крај од долгото тело во облик на колбас.
Бидејќи грините немаат природни предатори, немаат конкуренција и не се изложени на други грини - нивниот геном се сведува само на основните работи. Нозете им се напојувани од три едноклеточни мускули, а нивните тела имаат апсолутен минимален број на протеини, само она што е потребно за опстанок. Тоа е најмалиот број што некогаш е забележан во пошироката група на сродни видови.
Таквиот геном е причината поради која тие излегуваат само ноќе. Тие, исто така, не можат да произведат хормон мелатонин, кој се наоѓа во повеќето живи организми, со различни функции: кај луѓето, мелатонинот е важен за регулирање на циклусот на спиење, но кај малите безрбетници тој предизвикува подвижност и репродукција.
За разлика од другите грини, нивните репродуктивни органи се поместени кон предниот дел на телото. Но, иако парењето е прилично важно, потенцијалниот генски базен е многу мал: има многу мала можност за проширување на генетската разновидност. Ова може да значи дека грините се на пат кон еволутивен ќор-сокак.
Интересно, тимот открил дека во фазата на развој на нимфата, помеѓу ларвата и возрасната доба, грините имаат најголем број клетки во нивните тела. Кога преминуваат во фазата на возрасни, ги губат клетките.
Некој може да се запраша какви се можните придобивки од овие чудни животни за луѓето.
- Грините се обвинуваат за многу работи. Поради долгата поврзаност со луѓето, тие имаат едноставни, но важни корисни улоги, на пример, во одржувањето на проодноста на порите на нашето лице - вели зоологот Хенк Браиг од Универзитетот во Бангор.
Извор: sciencealert.com
Фото: University of Reading