X
 04.03.2020 Образование

Швајцарија ќе ги зголеми средствата за образование и истражување

Швајцарија е надалеку позната по високата репутација поврзана со нејзиниот образовен систем, а тоа го покажува и фактот дека околу 20 отсто од студентската популација се од странство.

Универзитетите во земјата имаат одлични резултати на рангирањата во кои се вклучени сите светски универзитети. На пример, Швајцарија има седум универзитети што се меѓу првите 200 во ранг-листата на „Кју-ес ворлд јуниверзити ренкингс 2020“ и „Тајмс хајер еџукејшн“, што е дополнителен доказ за моќта на нејзиниот образовен систем.

Но, за да се осигури дека продолжува да се движи нагоре и да го одржува својот стандард на извонредност, швајцарската влада неодамна објави дека ќе вложи 29 милијарди долари за промоција на образованието и истражување во текот на наредните четири години.

Ова е зголемување за речиси 2 отсто во споредба со претходниот период.

- Нашата цел е да осигуриме дека Швајцарија останува меѓународен лидер во областа на образованието, истражувањето и иновациите - изјави министерот за образование, Гај Пармелин.

Во извештајот се истакнува дека владата постави приоритети за стручно обучување, за континуирано образование и високо образование и на федералните институти за технологија и на кантонските универзитети и колеџи, како и за промовирање истражувања и иновации, особено со Националната научна фондација и агенцијата за иновации „Иносуис“.

Средствата сè уште треба да бидат одобрени од парламентот, но не вклучуваат финансиски придонес на Швајцарија за учество во програми на ЕУ во истражувањето и иновациите, вклучително и „Хоризонт Европа“ и „Еразмус“, се вели во извештајот.

svajcarija
Фото: Pixabay

Постојат 12 државни универзитети во Швајцарија - 10 се кантонски, а 2 се сојузни институти за технологија.

Пармелин рече дека клучот за успешно промовирање на обуките, истражувањата и иновациите во Швајцарија е континуитетот, долгорочната перспектива и тесната соработка помеѓу 26 кантони и федералните власти. Тој исто така беше оптимист во врска со планираните разговори со Брисел за здружување на Швајцарија со програмите за истражување и образование на ЕУ.

Опфатени се сите основи

Федералниот совет ќе издвои околу 5 милијарди долари за стручна обука во текот на наредните четири години, со фокус на промовирање на основните вештини, особено меѓу ниско квалификуваната и најранливата група на пазарот на трудот.

Во меѓувреме, универзитетите се залагаат да добијат најголем придонес.

Федералната влада ќе ги поддржи универзитетите со 17 милијарди долари, додека истражувањето и иновациите ќе добијат 8 милијарди долари.

Извор: Studyinternational.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование