X
 17.01.2022 Образование

Учебникот „Основи на безбедност - Концепциски безбедносни пристапи“ од професорот Марјан Ѓуровски - придонес во науката

Во издание на Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ од СР Германија во Скопје и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола излезе од печат универзитетскиот учебник со наслов „Основи на безбедност - Концепциски безбедносни пристапи“ во авторство на проф. д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје.

Публикацијата претставува сложен научен труд кој се темели на широко разработена теориска рамка на истражување на безбедносните концепти поткрепена со систематско собирање факти и последователна нивна анализа кои се употребени во презентацијата и развојот на безбедносните концепти.

Во универзитетскиот учебник се нагласува дека безбедноста е комплексен феномен и во суштина не само поради неговата недостижна природа и содржина со оглед на времето и местото во кое се дискутира за него, туку, исто така, поради фактот што дискусијата за безбедноста е неизбежно поврзана со други категории: страв (за физички опстанок), отсуство на структурно насилство, мир, благосостојба и стабилност.

Како политичка концепција, безбедноста очигледно е предуслов за постоење на живот - индивидуален и социетален и се однесува на отсуство од закани и заштита од нив. Сфаќањето на безбедноста како вроден интерес на секоја индивидуа и на пошироките човечки колективитети - фамилија, општество, нација, држава, меѓународен систем, укажува на потребата од проширување на концептот на безбедноста кон овие колективитети. Оттука во теоријата се обликуваат концепти како национална и меѓународна безбедност и, во поново време, индивидуална, социетална и глобална безбедност, што укажува на значајно ширење на нови димензии на безбедноста, се наведува меѓу другото во книгата.

uklo

Во книгата од професор Ѓуровски, која ќе се изучува на студиите по безбедност, криминалистика и криминологија на Факултетот за безбедност-Скопје на прв, втор и трет циклус на студии и на други високообразовни институции, се наведува дека проблемот на националната безбедност треба да се сфати како системски безбедносен проблем во кој и индивидуите и државите и меѓународниот систем имаат своја цел, и во кој економските, социјалните и факторите од сферата на животната средина еднакво се значајни како политичките и воените.

Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ ќе организираат посебна промоција и дискусија на темата за која денес излезе од печат книгата „Основи на безбедност-концепциски безбедносни пристапи“.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование