X
 04.03.2022 Живот

Студенти сами организирале масовна евакуација од Украина

Група студенти успеале да избегаат од Харков „на своја рака“ бидејќи, како што велат, амбасадата ги напуштила, па морале самите да организираат евакуација. Харков е еден од украинските градови што претрпеа значителни штети поради рускиот напад.

Странските студенти заедно со граѓаните неколку дена поминале во засолниште во железничка станица. Потоа, група индиски студенти одлучиле сами да организираат евакуација откако нивните амбасади не успеале во тоа.

Еден индиски студент бил убиен во Харков неделава додека бил излезен да купи намирници. Винит Далал, студент по медицина на универзитет во Харков, изјавил дека заедно со група пријатели го напуштил градот.

- Нема возила. Сите отидоа до железничката станица пеш. Не можевме да влеземе во првите три воза, но успеавме да влеземе во четвртиот, а сега сме на пат за Лавов. Кога ќе стигнеме, се надевам дека ќе договориме да ја поминеме границата во Унгарија - изјавил студентот.



Според него, индиската амбасада им кажала на студентите во Украина да се снаоѓаат самите, а тоа е уште поголем проблем за оние што се прва година во Украина и не ги познаваат градовите.

Се проценува дека во Украина биле заглавени околу 16.000 студенти од Индија кога почнала војната. Дел од нив веќе биле евакуирани и се вратиле дома, но многу останале во Украина. Се проценува дека околу 3.500 студенти на Медицинскиот универзитет во Харков се кријат во подземни бункери на хостелите и живеат со ограничено количество на храна и вода.

- Нашата амбасада не ни одговараше на повиците поголемиот дел од времето. Кога одговараа, велеа да ги контактираме административните службеници кои ни помогнале при уписот на факултет, а тие ни велеа да ја контактираме амбасадата. Ни кажаа и дека не смееме да излегуваме на улица, што не беше возможно - изјавил еден студент.

- Нашиот стан беше многу блиску до руската граница, а прозорците на станот се тресеа секогаш кога паѓаше бомба. Една бомба падна на станбена зграда оддалечена 500 метри од нашиот стан. Се плашевме дека би можела да падне на нашата. Овде не сме сигурни - раскажал студентот.


Студентите велат дека индиската амбасада ги евакуира студентите од сигурните делови од Украина, но не и Харков бидејќи, како што слушнале, евакуацијата оттаму не е возможна.

Неделава во ракетен напад била погодена и зградата на државниот универзитет во Харков и неколку околни згради, меѓу кои и онаа на Министерството за внатрешни работи.

Извор: Moj faks
Насловна фотографија: Twitter (printscreen) 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот