Македонија потпиша договор за целосно укинување на роамингот со Србија, Црна Гора, Албанија и БиХ. Договорот го потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и ресорните министри од Западниот Балкан во рамките на вториот дигитален Самит во Белград.
- Согласно договорот, намалувањето на цените ќе почне од ова лето, а целосно ќе биде укинат кон средината на 2021 година. Како што кажа еврокомесарката Марија Габриел, овој договор беше предуслов за отпочнување на постапката за укинување на роамингот кон ЕУ. Откако целосно ќе се укине роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, тоа ќе се случи и со земјите од ЕУ - изјави министерот Манчевски.
Договорено е идната недела посебно Регулаторно тело да одржи состанок за да ги утврди намалените цени од јули годинава, прво на интернетот, а потоа на разговорите и постепено да ги намалува цените до целосно укинување во 2021 година.
- Ова е од огромно значење за граѓаните и за фирмите, поради тоа што многу полесно ќе се комуницира и ќе се отвори вратата за заедничкиот проект кој веќе го најавија српскиот претседател и премиерот Зоран Заев, а тоа се оние стоп царинските премини помеѓу двете земји - изјави Манчевски.
На Самитот водени се разговори и за воспоставувањето регионален тренинг-центар за сајбер-секјурити, чие седиште треба да биде во Скопје, што ќе биде финализирано на следниот самит во Тирана.
На дводневниот самит учествуваат 3.000 претставници од ИТ-индустријата и стопанството од 30 економии од Западниот Балкан, Европа и светот.
Извор: МИА