X
 22.05.2018 Живот

Масовното иселување ќе доведе до крах на регионот

Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР) е тинк-тенк кој е основан во 2007 година и кој има канцеларии низ цела Европа. ЕЦФР се занимава со односите во ЕУ, како и со надворешната политика, а објавува и голем број публикации и анализи што имаат влијание врз одлуките на европските лидери. Затоа вреди да се посвети внимание на анализата од 31 страница, која е објавена на официјалната страница на ЕЦФР, а која се занимава со проблемот на масовното иселување од Западен Балкан. Автор на анализата е Алида Врачиќ од Босна и Херцеговина, која е експерт за европска интеграција.

Во Македонија 69 отсто од вработените на универзитетите сакаат да се иселат

Анализата почнува со потсетување на резултатите од ланската анкета спроведена во Македонија меѓу луѓето што се вработени во високото образование - универзитетски професори, асистенти итн. - која покажува дека 69 отсто од нив би се иселиле кога би имале можност за тоа. Дополнително, 20 отсто од нив веќе аплицирале за работа во странство. Истражување од 2010 година, пак, покажало дека земјите од Балканот изгубиле околу 70 отсто од кадарот во образованието, што е само еден пример за шокантниот одлив на мозоци од регионот.

Масовното заминување од регионот се случува и во секторот на здравството, за што, меѓу другото, илустрација е и податокот од лекарското здружение од БиХ од 2016 година. Таа година од БиХ се иселиле околу 300 висококвалификувани лекари.

- Босанските медиуми тогаш пресметаа дека образованието на еден лекар ја чини државата околу 150 илјади евра, што сугерира дека БиХ годишно на едукација на здравствен персонал троши околу 50 милиони евра, а тие луѓе потоа одат во странство - стои во анализата.

Од Хрватска луѓето се иселуваат поради корупцијата, национализмот и примитивизмот


Се напоменува дека рекордното иселување на квалификуваниот кадар има моментални последици врз целиот регион и дека постои закана од нефункционирање на јавните услуги, како здравството. Се потсетува и дека во времето на Југославија имало иселување од овие простори, но дека претежно станувало збор за нискоквалификувани работници и дека кон средината на 70-тите години околу 1,1 милион работници од Југославија работеле во странство.

Алармантен е и податокот дека на Западен Балкан ќе му требаат околу шест децении со актуелниот просечен економски раст од 3 отсто годишно за да го достигне економското ниво на ЕУ.

Сепак, во анализата на ЕЦФР се истакнува дека економските причини не се единствените што поттикнуваат на иселување. Се наведува примерот со Хрватска, која во ЕУ влезе во 2013 година. Истражувањата покажуваат дека Хрватите се селат поради корупцијата, примитивизмот и националистичкиот шовинизам кој владее во хрватското општество. Во анализата се потсетува дека од Хрватска од 2013 година се иселиле повеќе од 500 лекари на возраст од 24 до 46 години и се додава дека луѓето се надевале дека влегувањето во ЕУ ќе биде поттик за луѓето да останат и да напредуваат во Хрватска, но наместо тоа, само се забрза иселувањето.

Фото: Buka

Регионалните лидери не сакаат да се соочат со горката вистина


Сето ова е горка вистина со која лидерите од регионот не сакаат да се соочат. Индикативно е отсуството на јавната политичка расправа за иселувањето. Независно од тоа дали се морално посрамени, некомпетентни или незаинтересирани, политичките лидери од Западниот Балкан одбиваат да се позанимаваат со прашањето зошто им се иселува населението, а не пак нешто да направат околу тој проблем. Политичките елити од регионот не носат никакви стратешки одлуки во врска со масовното иселување, стои во анализата, и се целосно неспособни да се справат со тој предизвик.

Се нагласува дека поразвиените земји од ЕУ, особено Германија, имаат голема економска корист од иселувањето од Балканот, но дека ЕУ изразува загриженост поради овој тренд.

Но, постојат и некои предности од иселувањето, под услов оние што се иселиле по некое време да се вратат во своите татковини. На пример, едно истражување покажало дека 20 отсто од вработените во финансиските сектори во БиХ, Хрватска и во Србија имаат дипломи од странски универзитети. Така, клучниот предизвик е промоција на циркуларна миграција, која на земјите од регионот би им овозможила подобра поврзаност со поразвиениот свет.

Потребна е нова миграциска политика на ЕУ


Врачиќ како клучни заклучоци на својата интересна анализа ги наведува следните:
  • Западниот Балкан и во следните години ќе биде извозник на паметни и образовани луѓе во рамките на миграциската динамика која ја контролираат земјите што се крајна дестинација;
  • Јавната расправа за одливот на мозоци од регионот е површна бидејќи се игнорираат потенцијалните корисни нешта за регионот;
  • Влезот во ЕУ не значи запирање на иселувањето, туку може и да го забрза;
  • Владите во регионот треба да прекинат со својот молк за ова и да покренат сериозна расправа заснована на проверени податоци;
  • ЕУ треба посилно да почне да ја промовира циркуларната миграција и 
  • Членките на ЕУ треба да ја хармонизираат својата миграциска политика кон земјите од Западен Балкан.
Сепак, се истакнува дека не можеме да очекуваме подобрување додека и владите од регионот и ЕУ не почнат посериозно да се занимаваат со овој феномен.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот