X
 04.05.2017 Економија

Се наѕира пакт меѓу Грција и Кина?!


Различни пари: банкноти и монети
(Фото: Thinkstock)

Преговорите меѓу Грција и Кина за широка и долгорочна спогодба за економска соработка се во завршна фаза, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Во истиот ден кога главна вест во грчките медиуми беше постигнувањето договор меѓу Грција и меѓународните кредитори за новиот сет реформи во замена за нова транша на помош, „Катимерини“ пишуваше за сеопфатната спогодба со Кина, чија вредност се мери во милијарди долари.

Договорот за кој се очекува дека ќе опфати не само бројни специфични вложувања туку и механизам за финансирање, би требало да биде запечатен на Форумот за меѓународна соработка што ќе се одржи  на 14 и 15 мај во Пекинг, во рамки на кинеската иницијатива „Патот на свилата“.

Меѓу проектите за кои постои заеднички интерес е создавањето механизам за финансирање, а големите кинески корпорации се заинтересирани за инвестирање во туристички комплекси во Грција. Клучните проекти се гледаат во секторите телекомуникации, енергетика, пристаништа и бродски транспорт.

Официјална Атина се надева на што поскоро зголемување на кинеските директни инвестиции во земјата.

Кинескиот претседател Си Џинпинг на форумот во Пекинг ќе собере бројни светски лидери, меѓу кои се и рускиот и турскот претседател, Путин и Ердоган. Меѓу 28-те шефови на држави кои го потврдиле своето присуство се и претседателите на Италија, Шпанија, Аргентина, Чиле, Унгарија и Србија, пишува „Катимерини“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија