X
 04.04.2024 Наука

Наместо отпечаток од прст, ДНК-доказите се извлекуваат од воздух

Заборавете на отпечатоците од прсти и другите траги. Во иднина полицијата ќе може да ги најде криминалците со помош на нова техника за собирање клучни форензички ДНК-докази од воздухот, на местото на злосторството.

На австралискиот универзитет „Флиндерс“ неодамна беше тестиран овој метод на конвенционални климатизери и системи кои го мерат квалитетот на воздухот и присуството на вируси во воздухот во болниците, училиштата и здравствените центри.

ДНК на животната средина е секој генетски материјал собран директно од примероци од животната средина, како што се вода, почва, седимент или воздух, без присуство на оригинален биолошки материјал, односно организми или делови од организми од кои потекнува. Организмите најчесто ослободуваат ДНК во околината во форма на отфрлени клетки и ткива, како што се косата и кожата, преку излачување урина и измет или преку распаѓање на мртви организми. Ослободената ДНК опстојува некое време во околината, каде што може да се собере и анализира.

1
Фото: Flinders University

Човечката ДНК може да се најде во воздухот кога луѓето зборуваат или вдишуваат капки плунка или, пак, од отфрлените клетки на кожата. Форензичарите од „Флиндерс“ велат дека оваа ДНК може да се користи како доказ дали некој бил во собата, дури и ако носел ракавици или ги бришел површините за да ги отстрани трагите.

Собирањето ДНК-траги кои се состојат од само неколку човечки клетки најчесто се користи во криминалните истраги, но стапките на успех со овој вид докази остануваат ниски. Сепак, новите технологии обезбедуваат нови начини за собирање докази, вклучително и полето на еколошка ДНК (еДНК) од цврсти површини, почва, вода и воздух.

- Нашето истражување покажа дека воздухот што циркулира низ клима-уредот може да собере човечка ДНК бидејќи лебди во воздухот и се таложи на површини. Сега знаеме дека еДНК и еРНК кои се излачуваат од извори како кожата или плунката може да се детектираат во почвата, мразот, водата и воздухот - велат истражувачите.

2
Фото: Flinders University

Две истражувања


Пилот-проектот ги споредил резултатите од примероци земени од климатизери во четири канцеларии и четири дома, а друго истражување ги разгледувало можностите за собирање човечка ДНК од воздухот во соби, со и без присутни луѓе и со различни филтри за собирање.

Се покажа дека човечката ДНК може да се собере од површините на климатизерите и од воздухот, при што примероците земени од воздухот полесно ги откриваат луѓето кои неодамна или уште престојуваат во просторијата, додека климатизерите исто така складираат податоци за оние што одамна ја напуштиле просторијата од која се зел примерокот.

Истражувачите сега препорачуваат дополнителни истражувања за да се утврдат најдоброто место и време за тестирање на ДНК-траги.

Извор: Bug.hr
Фото: Flinders University
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука