Средната годишна бруто-плата на работниците со полно работно време минатата година пораснала за 1.907 евра. Вклучувајќи ги сите посебни исплати, половина од сите работници со полно работно време во Германија заработиле најмалку 54.066 евра бруто-годишно, стои во податоците на Заводот за статистика, пишува „Феникс“.
Десет проценти од најбогатите заработувале најмалку 100.719 евра годишно, пишуваат германските медиуми. Најбогатите Германци, кои опфаќаат само еден процент од работниците со полно работно време, заработуваат 219.110 евра годишно или повеќе. Во оваа група се, на пример, пилоти и менаџери.
Кога некој во Германија се смета за богат, зависи од различни фактори. Платата не е сè - имотот игра уште поважна улога. Според пишувањето на германските медиуми, оние што имаат меѓу 100.000 и милион евра на банкарските сметки се сметаат за „богати“ во финансискиот свет.
Со милион евра, личноста има висока нето-вредност и затоа официјално се смета за „богата“. А оние со повеќе од 30 милиони евра имот влегуваат во лигата на супербогатите.
Според податоците на Заводот за статистика, некои професионални групи имаат поголеми шанси да бидат меѓу оние со највисоки приходи. Во 2025 година енергетскиот сектор забележал највисока средна плата од 77.522 евра, а по него следуваат давателите на финансиски и осигурителни услуги со 76.594 евра. Угостителството, земјоделството и шумарството, како и рибарството, имале најниски средни плати меѓу стопанските сектори, со бруто 35.545 евра, односно 35.689 евра, пишуваат германските медиуми.
Според истражувањето, платите биле значително пониски во Источна Германија. Средната плата во источногерманските сојузни покраини (со исклучок на Берлин) изнесувала 46.013 евра, што е за 9.422 евра помалку отколку во Западна Германија.
Фото: