Недостигот на работна сила сѐ повеќе ги погодува источните членки на ЕУ и тоа сѐ почесто е тема за која пишуваат западните медиуми. Економски стабилната Чешка е еден од примерите.
Австриски „Стандард“ пренесува дека експертите предупредуваат дека покрај иселувањето, еден од клучните проблеми е изостанувањето на растечка плата и покрај економскиот раст во источните членки на ЕУ, а сето тоа за неколку децении би можело да доведе до посериозни социо-економски проблеми. Според проекциите, до 2045 година земјите како Чешка и Словенија ќе изгубат 18 отсто од работната сила, а се предвидува Бугарија и Романија да загубат и повеќе од една третина.
И сето тоа иако економскиот раст во Источна Европа по светската финансиска криза во 2008 година во просек е поголем отколку во западниот дел од континентот, додека во меѓувреме и во поголемиот дел од тие земји значително е намалена невработеноста.
- Од Естонија до Хрватска, од Унгарија до Бугарија, економијата расте побрзо отколку во останатиот дел од ЕУ. Невработеноста во сите тие земји од 2010 година значително опаѓа - пишува австрискиот весник додавајќи дека покрај сето ова, нема раст на платите.
За проблемот со недостиг на раст како пример е наведена инаку успешната Чешка, каде што платите стагнираат на ниво од 2010 година. Од друга страна, во Чешка има минимална невработеност од 2,2 отсто, но сѐ повеќе млади стручни лица до 30 години се решаваат да се иселат во земјите од Западна Европа, каде што платите се повисоки.
Фото: Pixabay
Синдикалците наведуваат дека причина за тоа се сѐ помалиот број колективни договори. На пример, во Полска само 15 отсто од луѓето работат на места со колективен договор.
Марио Холцнер, економист од виенскиот Институт за меѓународна економија, истакнува дека стагнирачките плати доведуваат до иселување на младите од цела Источна Европа. Тие ќе се вратат дома само ако се зголемат платите, но ни тоа не се случува спонтано, вели економистот. Уште една последица на сето тоа е и забрзаното стареење на населението кога ќе се види просекот на години и бројот на луѓе во одредени старосни групи.
Сепак, за источноевропските членки на ЕУ има и некои позитивни аспекти од иселувањето на младите: многу од нив праќаат пари назад во татковината, а во странство можат и да заработат пензии, со што нема да бидат на товар на татковините.
Како решение на проблемот, виенските економисти наведуваат дека е потребно да се инвестира во образованието и да се создаде квалификувана работна сила, но и да се зголемат платите за да останат во својата земја. Потребна е и подобра координација меѓу работодавецот и работникот и одржлива социјална
политика.