X
 04.05.2018 Образование

Како стиховите на Цеца се најдоа во српските учебници?

Што говори незадоволството поради „откритието“ на стихови на Цеца во работната тетратка за српски јазик? Не е прашање дали Србија стана општество на ријалити шоуа и турбофолк, туку дали тоа смее да продре во училиштата.

Работната тетратка за петто одделение во основните училишта преку ноќ стана главен просветен и образовен проблем во Србија. Како пример за падежот вокатив, авторите ги навеле стиховите на Марина Туцаковиќ од хитот на фолк-пејачката Цеца Ражнатовиќ „Се сеќаваш ли, убав громе мој“.

Тоа предизвика експлозија од незадоволство на социјалните мрежи и во многу медиуми. Не помогна ни тоа што како примери за вокатив се наведени и стихови на Бора Ѓорѓевиќ, Бајага и ЈУ Група - сите се ставени во ист кош - и како што се најавува тој лингвистички флерт со фолк-рок-поп музиката ќе биде избришан од следната верзија на работната тетратка.

Авторите на вежбите тврдат дека никој од споменатите текстописци или пејачи не е потпишан под цитираните примери и дека желбата им била да земат примери од популарната култура, блиски до децата на таа возраст. Оправданијата не помогнаа и министерот за образование Младен Шарчевиќ пресече: спорните стихови ќе бидат отстранети, а министерот ќе бара и да се казнат одговорните кои дозволиле во работната тетратка да се најдат стихови кои ги пее Светлана Цеца Ражнатовиќ.



И додека основците во иднина ќе бидат заштитени од погубното влијание на фолк песните во работните тетратки, во Србија за тоа време електронските и печатените медиуми непречено ќе продолжат со кампањата на омраза, шовинизам, мизогинија, политичка и сексуална порнографија.

Како пример за падежот вокатив, авторите ги навеле стиховите на Марина Туцаковиќ од хитот на фолк-пејачката Цеца Ражнатовиќ

Но, за да не излезе дека само медиумите се виновни, ќе потсетиме дека токму Цеца Ражнатовиќ или фолкерот Аца Лукас беа главни актери во политичките кампањи на владејачката Српска напредна партија (СНС) преку т. н. бесплатни концерти за граѓаните. А имаше и доста турбофолк имиња на списокот за поддршка на претседателскиот кандидат Александар Вучиќ.

Турбофолкот е закон

Ситуацијата покажува дека причините се многу подлабоки, вели за ДВ Јасна Јанковиќ, професорка по книжевност и претседателка на Унијата на синдикати на просветните работници. „Сето ова покажува дека нашиот систем е целосно дезориентиран па применуваме инстант варијанти. Ми се чини дека ова е можеби додворување и кон општеството и кон учениците, на кои тоа им е сигурно далеку попознато одошто некои други стихови или книжевни примери. Популарната култура го следи реалниот живот, но ние тука разговараме за образование, и тие две нешта треба да се раздвојат“.

Жално е што за проблемите во образованието, учебниците, наставниот кадар, се разговара само кога во сето тоа ќе се вмешаат естрадни моменти, вели Јанковиќ и потсетува дека Владата на Србија во 2012 донела Стратегија за образование до 2020 година и потоа ја оставила во некоја фиока.

„Така гледате дека имаме нешто за кое многу се говори, а не постои во таа стратегија, а тоа е дуалното образование, и сега се дојде на генијална идеја да направиме нова Стратегија до 2030 година. Значи, ние не знаеме ни каде одиме кога станува збор за образованието, бидејќи кога одите од точка А до точка Б вие пред сѐ мора да знаете каде е точка Б“, вели Јанковиќ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование