X
 26.10.2016 Образование

Претставка до Народниот правобранител за содржините во Општеството за четврто одделение



Учебникот по Општество за четврто одделение во кој во лекција за брак и брачни улоги се бара од учениците за домашна работа да залепат фотографија од свадбата на родителите како и да напишат податоци за свадбената веселба ќе се најде пред Народниот правобранител. Група жени ќе поднесат претставка до Омбудсманот за повлекување на дискриминаторските содржини. Една од иницијаторките е активистката Ирена Цветковиќ која за Факултети мк.вели:

- Минатата недела на Фејсбук се појави фотографија од учебникот по Општество за 4 одделение, конкретно од делот каде се зборува за брак и брачни улоги. Имајќи предвид дека содржината е вознемирувачка, особено за деца од еднородителски семејства, деца со старатели или деца од вонбрачни заедници, решив да покренам иницијатива пред сè пред самохраните мајки за оспорување и повлекување на дискриминаторската содржина. Ефектот беше одличен. За неполни 48 часа, 35 жени се јавија да бидат подносителки на претставка до Народен Правобранител во која ќе бараме утврдување за постоење на дискриминација врз основа на семејна и брачна состојба, но и врз основа на религија. Со помош од правничките од Мрежата за недискриминација, претставката е изготвена и сега сме во фаза на потпишување на истата од подносителките - вели Цветковиќ.

Пред неколку дена на социјалните мрежи една самохрана мајка објави дека нејзината ќерка за домашна работа добила да залепи фотографија од свадбата на родителите. Таа постави прашање дали надлежните знаат дека има деца кои имаат разведени родители или кои живеат со родители во вонбрачна заедница. Нејзината објава ги разгори социјалните мрежи на кои сè уште се води дебата околу содржините на учебникот по Општество. Голем дел од граѓаните сметаат дека оваа лекција ќе ги повреди чувствата на многу деца кои живеат само со еден родител, без родители или пак со родители кои не правеле свадба и не се во брак. Оваа случка, ги предизвика родителите, па на социјалните мрежи постојано се споделуваат фотографии со неточни содржини во учебниците или нелогичности.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование