X
 04.05.2019 Живот

Вистината за девојчето што се бори за спас на планетата Земја

Таа има Аспергеров синдром, но тоа не ја спречило да го подигне својот глас против светскиот проблем што полека, но сигурно прераснува во катастрофа - климатските промени.

Грета Тунберг е од Стокхолм и својата борба ја започна со штрајкување и одбивање да оди на час. Позната е по нејзините инспиративни говори во најголемите светски организации, како ОН и ТЕД-говорите.

Магазинот „Тајм“ ја смести во листата со 100. највлијателни луѓе во светот, а доби и номинација за Нобелова награда за мир. Грета неодамна се залагаше за борба против климатските промени и во Ватикан, а доби и можност да го посети папата. Нејзиниот штрајк стана вид глобален протест на младите, а ѝ се приклучиле деца и студенти од речиси 1.700 града во над 100 земји од светот.



Нејзиниот глас стана надалеку познат, па почнале да кружат шпекулации во врска со кампањата и нејзината борба. Имено, нејзините родители се познати Швеѓани - нејзината мајка е оперска пејачка, а нејзиниот татко актер. Според шведските медиуми, штрајкот на Грета почнал истовремено кога нејзината мајка, Мален Ернман, објавила книга за климатските промени. Како што се наведува во медиумите, мала е веројатноста да станува збор за коинциденција со оглед на тоа што првата вест за протестот на Грета била објавена на социјалните мрежи од страна на Ингмар Ренцхог, пиар-менаџер на нејзината мајка и тоа на денот на објавувањето на книгата. Штрајкот на Грета го следел и професионален фотограф, а подоцна фотографиите и видеото беа поставени на „Фејсбук“ и на „Јутјуб“.

Освен тоа, пиар-менаџерот на нејзината мајка основал еко-стартап наречен „Немаме време“. Во октомври 2018 година тој ја повикал Грета да му се приклучи на младинскиот одбор на стартапот, и нејзиниот лик и дело ги користел интензивно за промотивни цели, што му донеле финансиски добивки. Оттогаш родителите на Грета и таа прекинаа секаков вид соработка со него, и негираат дека знаеле дека Грета ќе биде експлоатирана на таков начин.

Овие шпекулации од десничарските ориентирани медиуми можеби се обидувале да го рушат интегритетот на родителите на Грета, но не успеале да ја уништат искреноста на Грета, сочувствителноста и загриженоста за иднината на планетата и на сите нас.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот