X
 14.10.2017 Живот

На Шведска ѝ се потребни 78.000 работници!

шведска

Шведска повторно се соочува со веќе познат проблем: недостиг на квалификувана работна сила.

Дури и по приливот на имигранти во текот на изминатите три години, што предизвикаа зголемување во населението во скандинавските земји на повеќе од 10 милиони, на работодавците повторно им е тешко да пронајдат работници.

Бројот на слободни работни места е најголем од 2000 година: во август се зголемил на 78,000 што е за 9 отсто повеќе во споредба со претходната година, и за 41 отсто повеќе од пред две години.

Сојузот на шведски претприемачи што го претставуваат 60,000 компании тврди дека недостигот на работници може да го загрози економскиот раст. Истражувања во јуни покажаа дека повеќе од 75 отсто од компаниите што бараат работници се соочиле со проблем бидејќи не можеле да најдат.

„Недостигот на работна сила моментално е доста голем и во многу подрачја стана акутен“, изјави Блумберг Торбјорн Халдин, економист од здружението. Недостигот на работна сила е присутен во 12 од 15 сектори, а најлоша е состојбата во градежништвото и образовниот систем.

Владата проценува дека економскиот раст оваа година ќе изнесува 3 отсто, трета година по ред, а потоа ќе се намали на 2,5 отсто.

Централната банка Риксбанк исто така тврди дека пронаоѓањето работници со соодветни вештини е проблем за економијата, нагласувајќи дека невработеноста е на приближно исто ниво како и пред финансиската криза во 2008 година, но бројот на слободни работни места во тој период двојно се зголемил. Сепак, овој недостиг на работна сила може да е добра вест, со оглед на платите што во изминативе години во Шведска не се зголемиле.

Во Шведска без работа се 300.000 луѓе, а стапката на невработеност меѓу луѓето родени во Шведска изнесува 3,9 отсто, што е најниско од 2008 година, додека меѓу странците е 22 отсто, вели Агенцијата за вработување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот