X
 04.06.2020 Наука

Шестото масовно истребување на Земјата не само што се случува, туку и се забрзува

Биодиверзитетот на Земјата не е како што некогаш беше. Нè има сè помалку. Стотици уникатни, драгоцени видови животни исчезнале во текот на минатиот век.

Но, вака не изгледа масовното истребување, предупредуваат научниците, и тоа не е најлошиот дел.

Феноменот за масовно истребување во моментот на Земјата всушност се забрзува, велат истражувачите. Големото истребување на 'рбетниците во 20 век веројатно ќе продолжи и во 21 век, само што во овој век изумирањето на стотици видови може да се случи за само неколку децении.

Со таков домино-ефект, секој вид што е поврзан за претходниот е изложен на голем ризик од истребување бидејќи со изумирање на видовите се нарушуваат цели екосистеми. Во таквото сценарио е сомнителен и опстанокот на човечкиот вид, велат научниците.

- Она што ќе го направиме во наредните две децении во борбата против тековната криза со истребувањето на видовите ќе ја одреди судбината на милион видови - објаснува екологот Герардо Кебалос од Националниот автономен универзитет во Мексико.

Кебалос пред пет години водеше истражување што ги искористило конзервативните процени во откривањето на несовпаѓањето помеѓу просечната стапка на истребување на видовите и серијата истребувања на видови што ги гледаме денес. Во тоа истражување било откриено дека стапката на истребување денес е всушност 100 пати поголема од просечната.

Ова било индикација дека масовното истребување всушност се случува пред наш очи, и тоа шесто по ред.

- Со сигурност можеме да заклучиме дека денешните стапки на истребување се исклучително високи, тие се зголемуваат и посочуваат дека во тек е масовно истребување - шесто од ваков вид во 4,5 милијарди години историја на Земјата - напишал тимот во 2015 година.

Кебалос и неговите соработници имаат и друго истражување, а нивните сознанија воопшто не се оптимистички.

Овој пат истражувачите велат дека идните стапки на истребување веројатно биле потценети до овој момент и тие нагло ќе се зголемат во иднина.

истребување
Фото: Pixabay

Во истражувањето тимот користел податоци од Црвената листа со меѓународно загрозени видови и птици и ги проучувале популациите на 'рбетниците што се сметаат дека се на работ на истребување, откако изгубиле голем дел од нивниот географски опсег и сега се помалку од 1.000 единки во светот.

Според истражувачите, 1,7 процент од проценетите копнени видови 'рбетници, или 515 вида одговараат на овој опис, при што околу половина имаат помалку од 250 преживеани.

Дополнителни 388 вида имаат подобри резултати - со популација што се движи помеѓу 1.000 и 5.000 единки - но тимот вели дека 84 отсто од овие животни живеат во истите региони како оние 515 вида што се на работ на истребување, што сугерира дека и тие ќе бидат изложени на истите географски закани, во смисла на дестабилизирани екосистеми поради нарушени синџири на исхрана, уништување на шумите, загадување и друго.

- Блиските еколошки интеракции на видовите што се на работ на истребување имаат тенденција да ги придвижат другите видови кон истребување тогаш кога тие ќе исчезнат - изумирањето раѓа изумирање - пишуваат истражувачите.

- Околу 94 отсто од популациите на 77 вида цицачи и птици беа изгубени во текот на минатиот век. Под претпоставка дека сите видови што се на работ на истребување имаат слични трендови, повеќе од 237.000 популации од овие видови исчезнале уште од 1900 година - пишува тимот.

Ако 515 вида што се на работ на истребување преживеат само неколку децении, тогаш во комбинација со 543 вида 'рбетници што се знае дека исчезнале од 1900 година стапката на исчезнување би била 117 пати повисока од процените на истражувачите пред пет години. Ова значи дека истражувачите претходно потцениле колку брзо се одвива овој процес.



Но, истражувачите велат дека не е доцна да се забави овој процес доколку се преземат мерки за олеснување на човечкиот притисок врз биосферата. Ова може да се направи со спроведување широки забрани за трговија со диви животни, забавување на уништувањето на шумите и прогласување на сите популации на животни со помалку од 5.000 единки како критички загрозени.

Што и да направиме, мора да сфатиме дека тука не станува збор само за судбината на другите животни.

- Кога човештвото ги истребува популациите и видовите на други суштества, уништува работни делови на нашиот сопствен систем за поддршка на животот - вели биологот Пол Ерлих од Универзитетот „Стенфорд“.

- Зачувувањето на загрозените видови треба да стане национален и глобален итен случај за владите и институциите, еднаков на нарушување на климата со која е поврзан - додава тој.

- Трагедијата на сето ова е дека знаеме како да ги спасиме видовите од истребување, и тоа е евтино во глобален контекст. Но, оваа задача нема доволен приоритет во општествата и владите - вели екологот Крис Џонсон од Универзитетот во Тасманија, Австралија, кој не бил вклучен во истражувањето.

Извор: Science Alert
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука