X
 04.06.2022 Живот

Нова фабрика во Виена го претвора отпадот во „зелено“ гориво

Првата фабрика во светот која произведува синтетички гас од отпад и разни остатоци е отворена во главниот град на Австрија. Гасот потоа се користи директно за производство на обновлив дизел.

Во виенската област Симеринг моментално се истражуваат енергетски решенија за одржлива иднина. Во средината на мај 2022 година е отворена пилот-истражувачка фабрика во која експерти од различни области работат на производство на „зелени“ горива. Станува збор за првата фабрика од ваков вид во светот која произведува синтетички гас од отпад, остатоци од дрво, хартија и отпадна тиња. Гасот се користи на самото место, меѓу другото, и за производство на обновливо дизел-гориво, алтернатива на обичниот дизел произведен од фосилни горива.

Покрај обновливите извори на гориво, проектот „Вејст2велју“ ќе работи и на производство на обновлив гас или водород. Оваа технологија може да се примени во различни области, како што се земјоделството, воздушниот транспорт, товарниот транспорт или патниот превоз на патници.

- Благодарение на оваа фабрика, Виена повторно е во првите редови на истражувањата во областа на енергетската транзиција. Проектниот тим работи на претворање на отпадот и остатоците во вредни, обновливи и јаглеродно неутрални горива. Потребни ни се такви иновативни пристапи на патот кон климатската неутралност и подобрување на безбедноста на снабдувањето - рече Петер Ханке, член на градската влада на Виена.

Директорот на виенската енергетска компанија „Виен енерџи“, Карл Грубер, истакна дека објектот претставува пресвртница за циркуларната економија. Во иднина оваа пилот-централа треба да стане голема индустриска фабрика која би можела да произведува до 10 милиони литри „зелено“ гориво годишно, што би можело да ги намали емисиите на јаглероден диоксид за 30.000 тони. Таа количина на гориво би била доволна за снабдување на целата флота на градските автобуси во Виена. Како дел од проектот, предвидено е и тестирање на автобуси кои работат на обновливи горива.

Извор: 6yka.com
Фото: 6yka
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот