Снегот на европските Алпи се топи, а инвазивните растителни видови ги потиснуваат домашните алпски растенија, покажаа сателитски снимки.
Промените забележани во новата студија, која користи сателитски податоци од 1984 до 2021 година, покажуваат дека дури 77 отсто од Алпите доживеале позеленување, каде што областите со претходно ниска вегетација одеднаш забележале бум во растот на растенијата.
Додека новите растенија навистина одземаат мала количина јаглерод од атмосферата со фотосинтеза, научниците велат дека позеленувањето има многу поголем негативен ефект врз климатските промени бидејќи помалку од сончевата светлина ќе се рефлектира подалеку од Земјата, што значи дека планетата ќе биде потопла.
Се очекува Алпите да забележат намалување на снежната маса до 25 отсто во следните 10-30 години, според извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени за 2019 година. Како што се топи снегот, ќе има повеќе паѓања на карпи и одрони, што може да има катастрофални последици.
Новата студија покажува дека Алпите се соочуваат со рецесија на снежната покривка која веќе може да се види од вселената, што авторите предупредуваат дека само ќе се влошува со текот на времето.
Споредба на воздушни снимки на дел од западните швајцарски Алпи денес и во 1984 година
Во променливите планински средини, автохтоните алпски растенија страдаат, додека новите видови напредуваат. Тоа е затоа што растенијата специјализирани за повисоки надморски височини морале да се фокусираат на долгорочно живеење на Алпите, жртвувајќи ги карактеристиките што би можеле да ги направат поконкурентни на краток рок.
- Во градината секогаш има несакан плевел што се шири насекаде, бидејќи ги користи хранливите материи на другите растенија. Обично расте брзо, додека другите растителни видови не растат доволно и не можат да ги искористат ресурсите толку брзо како плевелот. Ова се случува и во планинските предели. Високите алпски видови ги инвестираат своите ресурси во еден вид „оклоп“, но не се репродуцираат успешно - вели д-р Саибне Рампф, водечки автор на истражувањето.
- На видовите кои се размножуваат многу бавно ќе им треба уште подолго време за да се приспособат отколку на другите видови - додава д-р Рампф.
Како што се зголемува позеленувањето на Алпите, живеалиштата на многу алпски растителни видови целосно ќе исчезнат.
- Планините имаат многу специјализирани растителни видови. Некои растат само во снежни легла, каде што снегот опстојува долго време во сезоната на растење, додека други се приспособени да растат во пукнатините на карпите или на гребените издувани од ветер. Доколку се променат условите на животната средина, некои од овие живеалишта ќе исчезнат. Другите живеалишта се колонизирани од брзорастечки подобри конкуренти - додава д-р Рампф.
Фото: NASA