Минатиот месец снимка на која беше прикажано драматичното смалување на езерото Пужал во Ченај, Индија, за седум месеци, привлече големо внимание. Резервоарот е еден од главните извори на вода за четвртиот град по големина во Индија, каде што кризата за вода оваа година е толку голема, што болниците одложуваат операции кои не се неопходни поради недостиг на вода.
Резервоарите, како езерото Пужал, зависат од дождовите за да може да се наполнат. Но, во текот на последните неколку години монсуните станаа непостојани.
Оваа година, иако индиските метеоролошки служби предвидуваа дека монсуните ќе бидат нормални, нивниот почеток беше одложен. Предмонсунските дождови се на второто најниско ниво во последните 65 години и монсуните моментално имаат дефицит од 35 отсто. Како резултат на тоа, во 44 отсто од земјата има услови на суша.
Централната комисија за вода, која секоја недела објавува извештаи за најважните 91 резервоар што се хранат од дождовите, ја документира и оваа криза. Од комисијата забележаа дека западните и јужните сојузни држави се најтешко погодени годинава.
Нивото на зачувана вода во повеќето резервоари е значително пониско од 10-годишниот просек.
Мумбај
Два резервоара што го снабдуваат најнаселениот индиски град со вода бележат пад на резервите. Само 8 отсто од капацитетот на резервоарот Горна Ваитарна се исполнети. Ова време минатата година капацитетот беше 27 отсто исполнет. Нивото на водата е за 70 отсто пониско од 10-годишниот просек.
Фото: Quartz
Резервоарот Баца е со 24 отсто исполнет капацитет. 10-годишниот просек за месец јуни е 31 отсто.
Пет други резервоари што го снабдуваат Мумбај со вода исто така се соочуваат со дефицит.
Фото: Quartz
Бенгалор
Резервоарот Типагонданахали, кој е извор на пивка вода за западен Бенгалор, исто така се соочува со дефицит. Резервоарот е лоциран на местото каде што се спојуваат реките Аркавату и Кумудавати. Поради недостиг на монсуни, последниот пат кога овој резервоар бил полн било во 1988 година.
Фото: Quartz
Хајдерабад
Езерото Осман Сагар, кое е создадено со градење брана на реката Муси, е главен извор на вода за Хидерабад. Резервоарот речиси пресуши во 2016 година. Оваа година тој е значително намален.
Сурат
Повеќето градови во јужен Гуџарат, вклучително и
Сурат, добиваат вода од резервоарот Дарои, кој чува вода од реката
Сабармати. Резервоарот моментално е со 8 отсто исполнет капацитет, што
значи 77 проценти помалку вода во споредба со 10-годишниот просек.
Вториот
и третиот најнаселен град во Индија, Делхи и Колката, зависат од
постојани реки. Делхи добива вода од реката Јамуна, додека Колката од
Хугли. Поради тоа што овие реки се хранат од глечери што се топат,
нивниот тек не зависи од монсуните.
Фото: Quartz
Јужна и Западна Индија, кои зависат од реки што се хранат со дожд, се најпогодените региони ова лето. Податоците покажуваат дека Андра Прадеш има 83 отсто помалку вода во резервоарите за разлика од долготрајниот просек, додека нивоата на водата во сојузната држава Махараштра се за 71 отсто пониски од долготраен
просек.