Сè поголемите жештини предизвикани од климатските промени би можеле да доведат до губење на околу 80 милиони работни места до 2030 година, а најтешко би биле погодени сиромашните земји, предупредуваат од Обединетите нации (ОН).
Растот на температурите за 1,5 степен до крајот на векот би можел да доведе до намалување на бројот на работни часови за 2,2 отсто, што одговара на бројот од 80 милиони изгубени работни места со полно работно време, според проекциите на Меѓународната организација за работа на ОН (ИЛО).
Трошокот за глобалната економија би изнесувал 2.400 милијарди долари, додаваат од ИЛО.
- Луѓето нема да можат да работат поради здравствените проблеми што ги предизвикуваат високите температури. Влијанието на топлотниот стрес врз продуктивноста во работата е сериозна последица од климатските промени - вели Кетрин Сагет од ИЛО.
Топлотниот стрес настанува кога телото апсорбира повеќе топлина отколку што може да поднесе.
Најмногу ќе бидат погодени земјоделците, особено жените, кои сочинуваат мнозинство од 940 милиони вработени во тој сектор, предупредуваат од ИЛО.
Во градежниот сектор ќе бидат изгубени околу една петтина од работните часови, а најпогодени ќе бидат најсиромашните земји од Југоисточна Азија и Западна Африка.
Сè поголемите жештини значително ќе ги погодат и сообраќајниот, туристичкиот, спортскиот сектор и индустријата.
- Освен големи економски трошоци, можеме да очекуваме и сè подлабок јаз меѓу земјите со низок и оние со висок доход и влошување на условите за работа на најзагрозените, како и иселување на луѓето - истакна Сагет.
Од Светската метеоролошка организација минатата недела предупредија дека оваа година би можела да биде рекордна според висината на температурите.
Светската здравствена организација предупредува дека топлотниот стрес поврзан со климатските промени најверојатно ќе предизвика дополнителни 38.000 смртни случаи годишно во светот во периодот од 2030 до 2050
година.
Фото: Freepik