Трговијата со оружје во светот не се намалува. Покрај тоа, во изминативе 10 години се зголеми за 14%, а најголем продавач на оружје во светот е Америка, која во изминативе 5 години продаде и донира оружје во речиси 96 земји низ целиот свет.
Американската воена индустрија има големи нарачки, вклучувајќи ги и оние за испорака на 611 борбени авиони F-35 во 9 држави, објави Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (SIPRI).
„Додека регионалните конфликти и тензии се зголемуваат, Америка и понатаму е водечкиот снабдувач во светот на оружјето“, изјави Д-р Ауди Флеурант од Институтот.
Америка извезувала 33% од оружјето во светот во период од 2011 до 2015 година, што е за 27% повисоко во однос на претходниот период од пет години. После Америка следува Русија која држи 25% од глобалниот извоз на оружјето. Најголемиот светски купувач на оружје е Индија, а нејзиниот најголем снабдувач е Русија, а не Америка.
Индија од 2011 до 2015 година купила дури 14% од вкупната продажба на оружје во светот. После Индија, најголеми увозници на оружје се Кина, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски ЕМирати, Австралија и Турција.
Меѓу десетте најголеми увозници, дури шест земји се од Азија и Океанија. Виетнам на пример, има 2.9% од уделот на купеното оружје во светот од 2011 до 2015 година, а во тој период забележал дури 699% од зголемувањето на увозот.
Кина после Индија е најголемиот увозник на оружје, но и една од најголемите извозници на оружје после Америка и Русија, а пред Франција и Германија.
„Кина продолжува да ги шири своите воени капацитети со увезено оружје, но и оние од домашно производство“, вели Сајмон Веземан, истражувач од Институтот.
Вкупно 58 земји извезуваат оружје, а Америка и Русија обезбедуваат повеќе од половина на светскиот пазџар. Податоците од Институтот се однесуваат само на големите нарачки и легалното купување на оружје.