X
 17.02.2020 Образование

Универзитетските професори останаа без покачени плати. НАкС предлага решение

Почитуван г. Спасовски, нашето трпение е веќе исцрпено...

Универзитетските професори не го добија зголемувањето на платите од 10% кое требаше да помине низ собраниските процедури. Собранието се распушти вчера, а точката за изгласување на зголемувањето на платите поместена на 131. седница никогаш не стигна пред пратениците. Независниот академски синдикат (НАкС) во петокот упати последен апел до претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги употреби своите надлежности и да го реши проблемот. НАкС денеска упати писмо до премиерот Оливер Спасовски, во кое предлага решение за проблемот.
Го објавуваме писмото во целост:

Почитуван г. Спасовски,

Кон крајот на минатата година министерот за образование и наука г. Арбер Адеми во договор со гранковиот синдикат СОНК се согласи за покачување на платите во високото образование во висина од 10%. Покачувањето на платите требаше да стартува со јануарската плата од оваа година. Во меѓувреме, сосема непотребно, a поради нечии лични интереси кои немаат допирни точки со заложбата за унапредување на положбата на вработените, се испроблематизира начинот на кој ќе се изврши ветеното покачување.
Во низата средби и преговори со владините претставници, за кои Независниот академски синдикат редовно ја информираше јавноста, предложивме повеќе решенија кои беа во рамките на законот и изводливи од самиот почеток. Едно од решенијата беше измената на Законот за исплата на плати, кое се најде во собраниска процедура. За жал, претседателот на Комисијата за труд и социјална политика, г. Влатко Ѓорчев, до распуштањето на Собранието не ја свика Комисијата за да расправа по ова прашање. Не би сакале да навлегуваме во неговите мотиви.

Во заштита на интересите на нашето членство и на сите вработени во високото образование, Независниот академски синдикат нуди уште една опција во врска со разрешувањето на овој проблем. Тргнувајќи од фактот дека средствата за покачувањето на платите во високото образование се предвидени во Буџетот за 2020 година, можете веќе на следната владина седница да го задолжите ресорниот министер веднаш да почне со исплата на минатиот труд од основниот буџет на МОН. Притоа, потенцираме дека тоа не е ветеното покачување од 10%, туку е законска обврска која со години не се реализира – уште еден доказ за тоа дека високото образование е фрлено на маргините на општествениот фокус.

Почитуван г. Спасовски, нашето трпение е веќе исцрпено. Се обидуваме да бидеме максимално конструктивни - во изминатиот период покажавме дека можеме и умееме да се спротивставиме на низа општествени неправилности. Се обидуваме да се справиме со долгогодишното системско уништување на високото образование и преку предложениот Колективен договор од НАкС, кој, во изминатиот период, беше сосема изигнориран од страна на ресорниот министер. Исплатата на минатиот труд е само еден мал дел од овој значаен документ. Сепак, извршувањето на исплатата би го сметале за позитивен чекор од Владата и успешен почеток за натамошни преговори.

Во спротивно, постои ризик бранот на незадоволството да се излие во форма на протести и во неброени поединечни тужби за неисплатен минат труд. Во тој случај, и оваа, и многу наредни влади ќе мора да се справуваат со дополнителни исплати кон оштетените, кои без сомнение ќе бидат повисоки од веќе алоцираните средства во буџетот.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование