X
 18.09.2019 Образование

Илиевски ја оспори уставноста на Законот за високо образование: Функционерите не смеат да бидат над Уставот

Тој од Уставниот суд бара да процени дали новата одредба која на државните функционери им остава простор да може да бидат унапредени во наставно-научни звања и покрај мирувањето на работното место на факултетите е противуставна.


Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски поднесе иницијатива за оцена на уставноста на новиот Закон за високо образование (ЗВО). Илиевски од Уставниот суд бара да процени дали новата одредба која на државните функционери им остава простор да може да бидат унапредени во наставно-научни звања и покрај мирувањето на работното место на факултетите е противуставна. Ваква можност не постоеше во претходниот закон.

Иницијативата за утврдување на уставноста се однесува на член 174 став 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високото образование.
- Тие не се во согласност со член 89 од Уставот – вели Илиевски.

Во образложението тој пишува:
„Следејќи ја тенденцијата на уставотворецот и онтолошкото значење на трудово-правниот институт „мирување на работниот однос“, истиот е дорегулиран во Законот за работните односи кој е basic legem за регулирање на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос. Во согласност со тој член: „на работник кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со закон, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавецот, му мирува работниот однос за време на вршење на функцијата и има право во рок од 15 дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа кај работодавецот за вршење работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.
Евидентна е интенцијата на законодавецот кој во овој закон (ЗРО) ја следи филозофијата на уставната одредба која е адекватна на нејзината цел, а таа е: да се оневозможи каква било работна активност на функционерот, односно работник кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со закон. Од таа причина и терминологијата што ја користи ЗРО е „мирување на правата и обврските од договорот за вработување“ (чл.45) и подразбира дека „за време на мирување на договорот за вработување, мируваат договорните и другите права, како и обврските од работниот однос кои се непосредно поврзани со вршењето на работата.“ Но, Законот за високото образование не ја следи оваа тенденција и е во јасна колизија со уставните норми, па како таков, во членот 174 став 8 и 9 од ЗВО експлицитно определува дека:

(8) При мирување на работниот однос, лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно, наставно или соработничко звање, има право да врши високообразовна дејност на прв циклус студии без финансиски надомест.
(9) Лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно или наставно звање, на кое му мирува работниот однос, има право да држи предавања и да биде ментор на втор и трет циклус на студии, како и да врши други активности од високообразовната дејност.
Понатаму, во член 176 став 3 од Законот за високото образование на РМ („Службен весник на РМ“, бр. 82/2018) се определува:
(3) Времето за распишување на конкурсот од ставот (1) на овој член се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од три месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон. На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи“.



Илиевски за Факултети.мк вели дека е евидентна неусогласеноста на цитираните одредби на ЗВО со членот 89 од Уставот.
- Уставната одредба и уште повеќе концептот на „мирување“ на работниот однос во својата суштина подразбира целосно мирување на сите активности, права и обврски од работниот однос кои се непосредно поврзани со работниот однос. Во ставовите 8 и 9 од членот 174 јасно се гледа дека не се почитувани пропишаните ограничувања за мирувањето на работниот однос, па спротивно на уставните норми се дозволува „немирување“ на активностите, правата и обврските од работниот однос. Уште повеќе, уставната одредба од членот 89 неоспорно имплицира дека последиците на мирувањето не се оставени на слободна диспозиција на функционерот (како што во член 176 став 3 од ЗВО е предвидено дека на барање на лицето, рокот за распишување на конкурс за избор во звање не мора да се продолжи!?). Функционерот не може и не смее да се става над Уставот и своеволно да остварува дополнителни права за себе, во време на извршување друга државна или јавна функција поради која работниот однос му мирува - вели Илиевски.

Тој во образложението на иницијативата пишува дека функционерот избран на јавна или државна функција нема да има време и можност квалитетно да ја изведува наставно-образовната дејност, ниту пак квалитетно и професионално да ја извршува и да постигне резултати во извршувањето на јавната, односно државна функција.

„Неретко ваквата двојност на функција/професија резултира и во судир на интереси, состојба на судир меѓу јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице во кој приватниот интерес влијае или може да влијае врз извршувањето на неговите јавни овластувања и должности. Ова начело на забрана на судир на интереси според тоа подразбира забрана за вршителите на сите јавни функции едновремено да извршуваат други функции и професии при чие извршување, заради интересот изразен во нив, да можат објективно да дојдат во ситуација каде што јавната функција ќе ја извршуваат на начин на кој јавниот интерес ќе го подведат на својот или туѓ приватен интерес, односно ќе ја извршуваат на начин на кој би се довело во прашање остварувањето на општиот интерес. (Ова особено е случај со едновременото вршење на функцијата министер за образование и наука и професор на Тетовскиот државен универзитет). Уште повеќе, ваквата спорна законска одредба предизвикува концентрација на моќ во една функција, што претставува корумптивно однесување.


- Ваква двојност во извршување на функции е спротивна на европската пракса и не постои во ниедна земја-членка на ЕУ - вели Илиевски, кој бара укинување на овие одредби од Законот.

Инспекторот Илиевски пред неколку месеци донесе решенија за поништување на звањата на тројцата функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули бидејќи тие ги стекнале додека работните места на Правниот факултет на тетовскиот универзитет им биле во мирување поради вршењето на функциите.

Илиевски вели дека ова се случувало пред да бидат во сила измените во Законот за високо образование од 2018 година и дека во времето на распишување на конкурсите за избор на звањата важел стариот закон.
Тој води спорови за овој случај пред неколку институции, а беше и деградиран на работното место.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование