Средното стручно образование е врвен приоритет на Министерството за образование и наука (МОН), а со неговото целосно реформирање од аспект на нови наставни програми од почетокот на оваа учебна година ќе биде насочено кон стекнување вештини на знаење на учениците за профилот за кој се запишани.
Ова го порача министерот за образование и наука Арбер Адеми на конференцијата „Реформа на техничкото образование во стручните училишта во Република Северна Македонија“ што денеска се одржа во Скопје.
- Оваа учебна година ни почнува со имплементација на еден од најголемите реформски процеси направени во нашиот образовен систем. Имаме целосно нов наставен план и нови наставни програми за двегодишното и тригодишното стручно образование со над 100 нови програми, а за четиригодишното стручно образование над 1.000 нови модуларни наставни програми. Соодносот на предметите е 55 отсто стручни и 45 проценти општообразовни предмети - рече Адеми.
Посочи дека на тој начин средното стручно образование ќе биде насочено кон стекнување вештини на знаење на децата за профилот за кој се и запишани.
- Уште од моето доаѓање на функцијата ветив дека средното стручно образование ќе биде приоритет и ќе се промовира повеќе. Годинава почнавме кампања за промоција од која веќе ги имаме првите позитивни резултати од аспект на афирмација и објаснување на придобивките од овој тип образование. Истовремено вложуваме и инвестираме во ваквото образование. Сè повеќе и повеќе училишта веќе имаат формирано реални училишни компании за чие оформување МОН им даде финансиска помош и поддршка. Децата сега можат да почувствуваат што значи да си дел од една реална училишна компанија и да имаат придобивки од нејзината рентабилност - посочи Адеми.
Вложуваме и во опремувањето на средните стручни училишта, додаде тој.
- Повеќе од 400 илјади евра МОН вложи особено во земјоделските училишта кои се опремени со трактор, плугови и друга опрема со цел да се реализира наставата на што поквалитетен начин - истакна Адеми.
(МИА)