Заземањето на Кабул од страна на талибанците не само што ја доведе во прашање благосостојбата на луѓето во Авганистан туку ги скрши и срцата на Авганистанците што живеат во странство. Еден таков случај е студентката по градежништво од Сан Диего и сликарка со скратено работно време, Сара Рахмани, која се пресели во Америка со своето семејство пред четири години со специјални имигрантски визи.
Кога дознала за она што се случува во нејзината татковина, го сменила цртежот на кој почнала да работи од портрет на млада девојка во повеќеслоен цртеж за тешката ситуација во Авганистан.
- Неодамна ја почнав оваа слика на убаво девојче бидејќи сакам да ги прикажувам прекрасните страни на мојот народ, мојата култура и нашите прекрасни деца таму. Почнав да цртам и стигнав до обојувањето на нејзините очи. По неколку дена талибанците го зазедоа Кабул и имав огромна болка во моето срце.
Сликата има неколку различни елементи кои се симболични за културата и она што во моментов се случува во земјата.
Фото: Sara Rahmani
- Ова е портрет на девојка, но на крај излезе прилично тажен - продолжува Рахмани. Таа го сменила својот портрет обојувајќи делови од лицето во црно-бело и додавајќи солза на едното око.
- Ја гледате добрата страна кога има светлина - се работи за добрата страна на мојот Авганистан пред талибанците да го заземат. Таа е среќна девојка и има валкани раце од играта со други деца - објаснува Рахмани.
На дното на сликата се две Авганистанки во живописна облека поставена наспроти боите на знамето на земјата. Едната фигура пишува „мир“ на фарси, додека другата изведува танц што традиционално се изведува на свадби. Потоа, во другиот агол е свечен приказ на родители што му ги предаваат своите деца на американскиот воен персонал.
- Сакам светот да знае дека се убиваат невини луѓе. Луѓето губат мајки, губат деца... Кога ќе заврши ова? - вели Рахмани.
Фото:
Sara Rahmani/Instagram